Чарлс Оливеира доби можност да го врати шампионскиот појас на УФЦ во лесна категорија. Но, Бразилецот се здоби со расекотина над окото на тренинг, неколку дена пред патувањето во Абу Даби, каде викендов се одржува настанот УФЦ 294, и мораше да го откаже настапот против шампионот Ислам Махачев.
Најголемата светска ММА организација веднаш му најде нов противник на Дагестанецот, а шампионот во перо категорија Александар Волкановски влезе како замена за Бронкс.
Бразилскиот борец е предизвикувач број еден, па веднаш треба да добие нова шанса да се бори за појасот против победникот од мечот меѓу Волкановски и Махачев.
Но, менаџерот на Ислам, Али Абделазиз истакнува дека „Чарлс Оливеира ја пропуштил својата шанса“.
„Знаевме дека ќе ја откаже борбата и сега ја пропушти својата шанса. Но, тој не заслужи ниту реванш, бидејќи има многу борци на врвот во категоријата. Сепак, УФЦ го сакаше реваншот, бидејќи Оливеира е многу популарен. И сега Волк доби шанса“, рече Али Абделазиз и додаде дека Џастин Гејџи треба да добие следната шанса да се бори за титулата:
„На Џастин Гејџи му требаше уште малку време, но без проблем. Чарлс ја потроши можноста и тоа беше негова вина. Му посакувам брзо закрепнување, но сетете сена Френки Едгар. Го пресече лицето осум дена пред борбата со Жозе Алдо. Доби 21 конец и сепак се бореше. Некои луѓе едноставно се градат поинаку. Џастин Гејџи го нокаутира Дастин Пориер и треба да биде следен во редот за борба за титулата“.