Легендарниот боксер Флојд Мејведер изјави дека не ја исклучува варијантата да се врати во рингот. Американецот (39 години) стави крај на 19-годишна професионална кариера во септември, откако ги освои светските титули во пет различни категории, забележа биланс од 49 победи во 49 натпревари и заработи околу 800 милиони долари.
Мејведер истакна дека е задоволен од својот живот надвор од спортот, но призна дека води разговори со медиумската корпорација CBS за можно враќање во рингот.
„Сите ме прашуваат: Дали се врати Флојд Мејведер“? Во моментов сум среќен што сум од другата страна, но водев разговори со CBS и Showtime, па ништо не се знае“, изјави тој во интервју за CBS сателитскиот канал и кабелскиот оператор Showtime.
„Во моментов во главата ми се вртат луди броеви, деветцифрени суми, но не сум одлучил што ќе правам. Пак, повторувам, дека во моментов се чувствувам среќен“, додаде Мејведер.