Мејведер ќе се пензионира по борбата со Мек Грегор: Тоа е последната, дами и господа

Една од поинтересните делови од договорот меѓу Мејведер и Мек Грегор е дека не ја содржи клаузулата за реванш, што е стандарден дел од секој договор на големи мечеви како овој. Првично се сомневавме дека ова е поради тоа што Флојд Мејведер и неговиот тим се уверени оти ќе победат на 26 август. Но, се покажа дека ова се должи на фактот што Мејведер конечно завршува со боксот по оваа средба.

„Всушност, мислев дека Андре Берто ќе ми биде последен противник. Мислев дека тоа ќе биде последниот тренинг камп. Сакам искрено да кажам, мислев дека тоа ќе биде мојот последен предизвик, но никогаш не знаеш што може да се случи. Ова, сигурно е мојата последна борба, дами и господа, му дадов збор на Ал Хејмон. И дадов збор и на моите деца, а едно нешто што не сакам да го направам е да го прекршам тоа“, изјави Мејведер.

„Му дадов збор на Хејмон, и дадов збор на моите деца, ќе си го држам  зборот, тоа ќе биде мојата последна битка“, додаде тој.

Што се однесува до она што ќе прави Мејведер по пензионирањето? Со двегодишно искуство зад себе, изгледа како да знае каков ќе биде неговиот живот.

„Портфолиото на недвижен имот е навистина неверојатно. Имам недвижности, кои се голем дел од мојот живот. Моите деца ќе одат на колеџ, па тоа ќе одземе поголем дел од времето, бидејќи образованието е исклучително важна работа во мојот дом. Сакам моите деца да направат нешто што не можев да го направам“, рече Мејведер.

„Сакам да имаат можност да одат на колеџ, а бизнисот кој го оставам за нив, сакам да можат да го одведат на следно ниво. Јас се зафатив со бизнис и направив сто милиони од него, сакам да го преземат и да направат четири или петстотини милиони. Сè што направив е за нив. Започнав многу бизниси, па децата на моите деца да може еден ден да ги преземат“, рече тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО