Во Маврови Анови во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и општината, ученици од основните училишта од општините Гостивар и Маврово-Ростуше се дружеа неколку дена во во духот на олимпизмот, а во рамките на традиционалната манифестација „Олимписки ден”. Радоста со децата ја сподели и каратистот Мартин Нестоорвски, како носител на брознените медали од Европското првенство и Европските игри минатата година.
„Олимпискиот ден е светски ден и се одбележуваше со спортски манифестации, како кошарка, фудбал, триатлон итн. И, се одбележува во целиот свет. Јас бев во својство на познат спортист и имавме мало дружење со дечињата. На сите им беа поделени маички од страна на МОК. Знакот на РИО се направи со дечиња и беше снимен со дрон. Одбележувањето на олимпизмот и промоцијата на Рио беше како порака пратена од најмладите“, изјави Несторовски.
Инаку, ова беше трет по ред настап во низа во рамките на пролетните олимписки денови, по тие во Куманово и во Карпош, а во наредниот период ќе биде организиран и во Охрид.
„Идејата беше дружењето да биде зимоска во Маврово, но беше откажано поради недостиг на снег, да го одржиме со цел да се возобнови и одморалиштето во кое израснаа бројни генерации, денешната јавна установа детско одморалиште „Илинден Бунец“. Децата беа сместени во хотел, слушаа предавања за „спорт за сите“, а им подаривме и опрема во вид на маички, топки, мрежи за ракомет, одбојка, кошарка… Беше вистинско уживање да се гледа гладот за спорт во детските очи“, рече генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски.
Учесниците ги поздравија и претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски, спортскиот директор Владимир Богоевски, а со децата се дружеа и познатите спортсити Антонио Ристевски, најдопласираниот зимски олимпиец од Македонија (29-ти на слаломот во „Сочи 2014“), каратистот Мартин Несторовски (освои бронза на Европските игри во Баку и на Европското првенство лани), селекторот на нордиските скијачи Ѓоко Динески и претседателот на Комисијата за спортисти при МОК, триатлонецот Стојан Поповски.
Олимпискиот ден е глобална активност на олимпиското движење, со која се промовира спортот за сите, посебно за најмладите. Се одржува во чест на денот на формирање на Интернационалниот олимписки комитет, кој е официјално формиран на 23 јуни 1894 година. Во 1987 година за првпат е организиран Олимпискиот ден на трчање, а од 2010 година овој настан се нарекува единствено Олимписки ден.
Овој глобален настан се одржува во целиот свет и настанот е поддржан и организиран од страна на 204 национални олимписки комитети и нивните партнери.
Ipon.mk/В.Д.