Во делот на капиталните инвестиции, ја имавме можеби најуспешната година досега со реализација и изградба на вкупно 56 спортски објекти низ целата држава. Од проектот за изградба на 35 спортски сали, досега 33 се изградија, а изградени се и 19 повеќенаменски игралишта. Минатата година започнаа да се градат 15 нови игралишта, кои ќе завршат со градба до средината на 2016 година. Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески давајќи отчет за работата на Агенцијата за 2015 година.
– Беа реализирани огромен број проекти, од кој бенефит видоа спортистите, спортските работници, младите луѓе и сите граѓани. Дополнително, во 2015 година ги започнавме со градба и двете нови спортски сали во Домот за деца без родители „11-ти Октомври“ во Капиштец и во општината Шуто Оризари, кои ќе се изградат во текот на годинава, истакна Спасески.
Потсети дека досега од предвидените 120 тениски терени изградени се 74, а само во 2015 година 35. Во 2016, рече Спасески, интензивно ќе се продолжи со градба на нови 18 терени.
Информира дека за сите овие проекти, во 2015 година од буџетот на Агенцијата се издвоиле околу 210 милиони денари и дека за наредната година буџетот за капитални инвестиции на Агенцијата е двојно зголемен.
Спасески потсети дека минатата година Агенцијата со директната поддршка им помогна на професионалните спортисти, стручните лица и сите спортски работници. За младите и талентирани спортисти беа обезбедени 500 стипендии „Спортска надеж“, а најдобрите 300 ученици од училишните спортски игри беа наградени со бесплатно летување во Охрид. Минатата година, рече Спасески, првпат започнавме и со реализација на проектот „Стручна специјализација на македонски тренери во реномирани светски центри“, со кој досега опфативме 11 тренери, а се спроведе и проектот за нивно континуирано усовршување на 1.000 наставници од основното и средното образование.
– Крајот на 2015 година го одбележа еден од најновите и најзначајните проекти на Агенцијата за млади и спорт, а тоа е именувањето на првите „Амбасадори на спортот“. Владата, на иницијатива и предлог на АМС, донесе одлука со која ги именуваше првите македонски спортски амбасадори: Кирил Лазаров во Кралството Шпанија, Андон Дончевски во Австралија, Агим Ибраими во Република Словенија и Јошко Миленковски во Република Турција, како значајни личности кои придонесуваат за меѓународна промоција и афирмација на Република Македонија, истакна Спасески.
Во делот на младите, Спасески ги истакна проектите: „Млади поети“ и „Млади уметници“ како и проектот „Најдобар млад програмер“ со кој се стимулираат младите средношколци за продолжување на своето образование на техничките науки.
– Успешно го реализиравме проектот „Урбан ѕид“, преку кој 10 општини добија локации, на кои младите луѓе можат креативно да творат и да цртаат графити, без притоа да оштетат некој јавен објект. Одлична соработка, минатата година имавме со 30-тина општини и во делот на креирањето на локалните младински совети, со што вкупниот број на вакви младински претставнички тела во советите на општините се зголеми на 50-тина, рече Спасески.
Минатата година Агенцијата го промовираше и веб-сајтот mladi.ams.mk, наменет за младите луѓе, кој содржи информации за значајните културни настани и манифестации, за обуки, пракса и вработување за младите, студентски попусти, и опширни информации за проектите и активностите на Агенцијата за млади и спорт и другите институции.
– Еден од најголемите приоритети и предизвици со кои се соочивме минатата година, во позитивна смисла, е изготвувањето на новата Национална стратегија за млади 2016-2025, која ја изготвивме во соработка и со поддршка на UNDP. Процесот започна на почетокот на 2015 година, во изработката беа вклучени сите заинтересирани страни, државни институции, младински и невладини организации, локалните младински совети во општините и преку стотина млади луѓе, кои директно учествуваа во креирањето на овој стратешки документ, истакна Спасески.
Според него, стратегијата во следниот период ќе влезе во владина процедура и по нејзиното усвојување активно ќе започне нејзината примена.