Светската карате федерација (ВКФ) по „Карате 1 Серија А“ лигата во Истанбул, Турција, излезе со најновата ранг-листа, на која најдобропласирани македонски каратисти се Берат Јакупи (18 во категоријата до 84 килограми) кај мажите и Симона Заборска (26, -55 килограми) кај жените.
Поради овој факт, раководството на КК Макпетрол го изразува незадоволството од постапките на првите луѓе во Карате федерација на Македонија (КФМ) и бара јавно да им се одговори зашто каратистите од овој најтрофеен и најреномиран клуб постојано се соочуваат со дискриминација и нееднаквост, посебно нагласена при донесувањата одлуки и решенија за предложување, наградување, поддржување и учества на натпревари.
КК Макпетрол со соопштение се обрати до јавноста и КФМ, кое го пренесуваме во целост.
„Неосновано и недопуштено е постапувањето на КФМ надвор од законската регулатива, со донесување правилници и одлуки спротивно од насоките што ги дава Светската карате федерација.
Постапувајќи на ваков начин КФМ во континуитет стреми кон невреднување на трудот и постигнувањата на одредени спортисти од ‘Макпетрол’.
Докази за тоа има многу, меѓу кои е и последниот предлог-список на кандидати, изготвен од страна на КФМ и доставен до МОК (Македонски олимписки комитет) заради добивање стипендија која ја доделува ИОК (Интернационалниот олимписки комитет) за врвни спортисти, потенцијални кандидати за учество на Олимпијада.
На списокот не се наоѓа името на Симона Заборска, која е најдоброрангирана македонска спортистка на светската ранг-листа, а на него се наоѓаат имиња на каратисти/ки кои и во времето на изготвување на предлогот, како и денес се пониско рангирани од Симона. Ова е уште еден доказ дека КФМ се определила предвремено за спортисти што ќе ги поддржува во нивните настапи без разлика на долгогодишните стандардни настапи за репрезентацијата на Македонија и освоени и постигнати резултати од страна на спортистите.
Со оглед на тоа дека стипендијата ќе се доделува на предложените спортисти до 2020 година и таа е еден вид финансиска помош и сатисфакција на спортистите што имаат квалитет, резултати и потенцијал да станат учесници на Олимпијада, со самото тоа што нашата натпреварувачка не е предложена од страна на КФМ, таа нема да биде во можност рамноправно да се подготвува и да учествува на сите турнири што се предвидени со планот и програмата на Светската карате федерација за остварување на нормата и учество на Олимпијадата во Токио.
Обидите за решавање на проблемите настанати на релација КФМ и КК Макпетрол во повеќегодишната пракса резултираа секогаш со неуспех.
Незадоволни од постапките на институцијата што треба да ги штити правата и интересите на своите членови еднакво, да цели кон развој на карате спортот, да создава систем и услови за остварување врвни резултати, се одлучивме да ја запознаеме пошироката јавност со проблемот и јавно бараме надлежните во КФМ да ја коригираат предложената листа со тоа што на неа ќе се најде името на Симона Заборска како највисоко рангирана македонска каратистка.
Целта на ова обраќање е една единствена, а тоа е заштита на интересите на врвен спортист/ка“.
Ipon.mk/В.Д.