Македонската ризница на медали на Светскиот карате куп „Лашко 2016“ е побогата за уште ден медал и тоа во екипна конкуренција во борби.
Тимот на Макпетрол во состав Наташа и Моника Стефановски, Симона Заборска и Сара Радичевска имаа тежок пат до бронзениот медал, откако во првото коло се сретнаа со Украина и загубија минимално со само еден поен разлика 0-1. По влегувањето на Украинките во финалето, нашите девојки добија шанса преку репасажните борби да стигнат до бронзениот медал. Во борбата до медалот беше совладана велесилата Англија со 2-0, потоа и домаќинките од Словенија, а во директната пресметка за медал славеа против репрезентацијата на Косово со 2-0.
Во конкуренција на национални селекции, преку 20, макпетроли одлично се бореа.
„Многу сум задоволен од резултатското постигнување на моите каратисти. Успеавме да освоиме два медала, еден златен и еден бронзен. Да се освојат медали во Лашко не беше ни малку лесно. Не беше лесно бидејќи имаше спортисти од 40 држави кои допатуваа со своите национални тимови. Тоа значи дека конкуренцијата беше на највисоко можно ниво. Најнапред не израдува Сара Радичевска а потоа, мотивирани од нејзиниот успех, многу квалитетно се преставија и девојките во екипна конкуренција борби. Да потсетиме дека овој женски тим на последното Европско првенство кое се одржа во Истанбул го освои петтото место во Европа. Со освојувањето на овој бронзен медал тие ја потврдија својата висока вредност“– вели тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски, кој укажува дека без медал останаа екипи како Хрватска, како европска велесила, и балканскиот првак Црна Гора.
„Наташа Стефановска со победа отвораше простор за Моника Стефановска, а Симона Заборска ги решаваше мечевите. Освен првата борба, која заврши нерешено, Наташа во секоја наредна мораше да оди на победа. Тактичите замисли беа остварени. Девојките се надминаа. Беше многу тешко, бидејќи помеѓу средбите имаа одмор само од две минути, при што победија велесила како Англија, која е во светскиот врв, а потоа Словенија и Косово“, истакна Заборски.
Ќе потсетиме дека златни медали во борби освоија Иво Цветковски – Металург, Сара Радичевска – Макпетрол и сребрен Ненад Келебиќ – Цветан Димов.
Ipon.mk/В. Д.