Македонските и стручњаците од регионот предност му даваат на Џошуа

Во пресрет на вечерашниот меч за светските титули во тешка категорија меѓу Ентони Џошуа и Кубрат Пулев го слушнавме мислењето на нашите и стручњаците од регионот.

Интересно е што Пулев најтешката борба, зборфуваме за аматерска конкуренција, ја имал против нашиот репрезентативец Примислав Димовски, која завршила нерешно по морала да се одлучува со прегласување. Така нивниот скор е 1-1-1.

Од друга страна, поранешниот македонски селектор Петре Чурлиновски вели дека го има тренирано Пулев на заеднички подготовки, верува дека Џошуа во моментов е подобар боксер од неговиот пријател Кубрат.

Професорот Руждија направи интересна анализа на двајцата боксери, истакнувајќи ги како основни мотиви за Пулев последната шанса за титула со оглед на годините, а за Џошуа борбата за неприкосновен шампион.

Прогнозите се во насока дека младоста и нивото на боксот се на страната на Џошуа.

Насер Харуни

„Кога можеше Руиз да го победи Џошуа, зошто не би можел и Пулев да направи изненадување. Ова е бокс тешка категорија, ништо не е невозможно“.

Петре Чурлиновски

„Далеку е Пулев од Џошуа… Добро го знам Пулев и доста сум работел со него индивидуално, кога сме биле на заеднички подготовки. Добар пријател ми е, ама Џошуа е далеку подобар“.

Вели Мумин

„Е па вака, и двајцата се искусни боксери, скоро иста техника имаат. Главно оружје им е предниот директ. Така, не може лесно да победи ниту едниод ниту другиот! Засега, моите прогнози се 50-50 за двајцата“!

Фатон Салиху

„Џошуа ќе победи. 7 или 8 рунда. Помлад е на години, има 31, а Пулев има 40. И, Џошуа има поголема енергија, паметен боксер е, знае да држи во дистанца, а знае и да решава со 2 до 3 удари кога влегува во борба“.

Примилсав Димовски

„Џошуа би победил ако е во форма. А Пулев, секако, не може да биде во таа форма што бил како што беше во 2008 година, кога боксиравме и кога беше незапирлив. Буквално, ги смачка сите свои противници, освен мене. Затоа зборува и самиот резултат на бодови, кој на крајот беше 2-2. Мораше преку судиско прегласување да дојде до победата, а тоа му беше најтежок меч на тоа првенство. Како што реков, потоа останатите противници убедливо ги доби и стана европски првак“.

Руждија Калач

„На 12 декември ќе ги вкрстат ракавиците моменталниот светски шампион Ентони Џошуа и Кубрат Пулев-Кобра. На интернет порталите можат да се сретнат најразлични прогнози во однос на исходот на борбата меѓу овие двајца боксери. Популарниот промотор Боб Арум е убеден дека „Кобрата“ ќе го победи Џошуа. Ваквите цврсти ставови за еден боксерски меч, колку и да звучат сензационални, се далеку од реалноста до која може да се дојде со детална анализа. Веднаш мора да се каже дека боксот е непредвидлив спорт. Целиот свет беше шокиран од првата борба помеѓу Џошуа и Енди Руиз, во која шампионот беше поразен и ги изгуби титулите.

Тоа го потврдува претходно наведеното. Ентони непосредно пред оваа борба во една прилика изјави дека многу е полесно да се освои титулата „светски шампион“ отколку истата да се одбрани. Од друга страна, неговиот противник Пулев е „жеден“ за победа, бидејќи пред себе има можеби и единствена шанса да стане светски шампион, доколку ја земеме во предвид неговата возраст од 39 години и долгата боксерска кариера. Несомено, Пулев има огромно искуство во аматерскиот бокс. Интересно е да се спомне дека сегашниот претседател на БФМ, Примислав Димовски, додека беше активен боксер на аматерскиот ринг, дури 3 (три) пати ги има вкрстено ракавиците со Пулев. Еднаш Примислав беше поразен, еднаш извојува победа против Пулев, а третиот пат заврши нерешено. Кубрат Пулев продолжи да ја гради својата боксерска кариера на професионалниот ринг и дотурка до борба за светска титула.

Сепак, Пулев колку и да има квалитетна профи боксерска кариера, (единствено има доживеано пораз од Владимир Кличко), доколку ги погледнеме неговите последни борби, може да дојдеме до заклучок дека квалитетот и начинот на неговото боксирање е во голем пад.

Годините си го прават своето. Од друга страна го имаме актуелниот светски шампион Ентони, кој е во топ форма, гледајќи ги неговите тренинзи на Јутјуб и слично. Поучен од негативното искуство во борбата со Руиз, истиот во оваа борба ќе влезе далеку повнимателно и сигурно ќе се потруди да избоксира технички, па во подоцнежните рунди и да се обиде да го нокаутира противникот. Чудната работа со Ентони Џошуа е фактот што тој претерано многу тренира со „тегови“ и е премногу „набилдан“ за еден боксер. Теговите создаваат проблеми кај боксерите, бидејќи истите ја успоруваат работата на рацете и нозете, и се губи брзината која е неопходна за извојување на победа во еден меч. Тој би бил далеку подобар боксер доколку го „исфрли“ тој начин на тренирање. Погледнете ги само движењата на Тајсон Фјури, и споредете го со начинот на боксирање на Џошуа.

Генерално гледано, шансите за победа на Пулев се помали. Џошуа има големи шанси да ги одбрани појасите кои ги поседува. Исто така, дополнителна мотивација е следново – доколку Џошуа ги одбрани титулите, има една препрека помалку до борбата со Тајсон Фјури, каде еден од нив двајца, или Фјури или Џошуа, ќе стане неприкосновен светски шампион обединувајќи ги сите 5 титули. Им посакуваме среќа на двајцата боксери, и подобриот нека победи“!

Димитар Ташков

„Јас лично сум за Пулев, но, во секој случај, познавајќи ги и двајцата боксери, мислам дека борбата ќе се реши со ноакут“.

Мујо Бајровиќ

„Џошуа“.

Александар Рисимиќ

„Мислам дека Џошуа е во предност“.

Васко Цубалевски

„Џошуа победува, зашто е интелегентен боксер, има визија, атакува и доаѓа до целта“.

Сашо Гарибаљевиќ

„Мислам дека Џошуа ќе победи,бидејќи има подобри предиспозиции. Подолг е, води поинаква борбена техника од Пулев. Џошуа води борба на дистанца, не ризикува во непотребен напад и опасен е во повлекување, удира непредвидени серија од два до три удари, што е многу опасно за другиот противник. А додека Пулев, бидејќи е по низок, ќе проба да блокира удари и со серија широки крошиња да влегува во клинч борба, за да напаѓа.

Додека кај Џошуа таа финта не пали, затоа што е многу претпазлив и не дозволува клинч борба.

Ме плаши само едно кај Џошуа што, како би рекле боксерски, има стаклена брада, па може да изненади Пулев со широките свинг крошиња. Но, сепак, 80 отсто победата е на Џошуа“.

Александар Арсовски

„Борбата е 50-5. Џошуа е фаворит според многумина… Силата и растегот на рацете ќе бидат негово главно оружје, како и голема предност што боксира на домашен терен пред своја публика.

Од друга страна, Пулев е прекален боксер кој има долга и сјајна аматерска кариера. И физички и психички ќе биде на висина на задачата, знаејќи го фактот дека ова му е последна шанса за титула.

Мое мислење е дека Ентони ќе има проблеми во рингот, бидејќи Пулев го има оној класичен европски стил на боксирање, а и фактот дека Топ ранг го земаа на овие години, значи дека има шанси да дојде до светска титула“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО