Боксерската легенда Мајк Тајсон (58) изјави дека е здрав и подготвен за борбата против блогерот Џејк Пол на 15 ноември. Двајцата разговараа со новинарите на заедничката прес-конференција во Њујорк (САД).
Борбата првично беше закажана за 20 јули, но беше одложена откако поранешниот професионален боксерски шампион во тешка категорија имаше влошување на препоните и му требаше период на одмор.
„Железниот Мајк“, кој има 50 победи, од кои 44 со нокаут и само 6 порази, беше еден од најстрашните боксери во тешка категорија во историјата, но професионално не се бори од 2005 година.
На прашањето зошто се врати во рингот по завршувањето на неговата активна натпреварувачка кариера, одговорот на Тајсон беше категоричен: „Затоа што можам. Кој друг може да го направи тоа ако не јас? Имаме Јутјубер кој ќе се бори со најголемиот боксер што некогаш живеел“.
„Можеби беше во рингот со истомисленици, но во реалноста не беше. Штом ќе го фатам, се ќе биде готово, a тој ќе трча. Ќе трча како крадец“, додаде Мајк Тајсон.
Џејк Пол, кој беше исвиркан и навредуван од публиката изјави дека ќе го заспие Тајсон.
„Тука сум да освојам 40 милиони и да ја нокаутирам легендата. Го сакам Мајк и го почитувам, но веќе не сме пријатели до 15 ноември“, рекол Пол, а на прашањето дали се плаши да влезе во рингот против Тајсон, Пол саркастично одговорил: „Преплашен сум“.
Јутјуберот, кој веќе извесно време се занимава со бокс, има 27 години и 10 победи и 1 пораз.
Натпреварот ќе се емитува во живо ширум светот преку платформата Нефликс и ќе се одржи на стадионот АТ&Т со капацитет од 80.000 седишта во Арлингтон, домот на Далас каубојс во Националната фудбалска лига.