Магијата на ТК Бутел: Господ донесе малечки слатки дечиња со посебна енергија, генерацијата која тргна да го освои светот!

Тренерот на освојувачот на сребрениот олимписки медал Дејан Георгиевски, Дарко Костовски на Фејсбук ја раскажува приказната за матичниот клуб на Дејан „Бутел“, односно како младите деца се вклучиле во таеквондото и стигнаа до светскиот врв во овој спорт.

„На 01.02.2006 година тргнавме на првиот тренинг, брат ми напред јас по него. Пред училиштето „Свети Климент Охридски“ во Бутел имаше над 100 деца. Се погледнавме и продолживме. Тој поглед ќе го паметам додека дишам!

Првата генерација даде се од себе. Tаа има важен дел во нашиот клуб. Но, за многу скоро, за две години постоење како клуб, Господ почна да носи малечки слатки дечиња со посебна енергија, еден по еден. Тоа беше генерацијата која тргна да го освои светот!

Деки дојде со брат му Коки (балкански сениорски шампион). Дојдоа во 2008-ма. Тогаш Деки имаше 9 годинки. Нешто подоцна ни се приклучи и сестра му Анамарија (бронзен медал на светско јуниорско првенство). За многу кусо време се приклучи и Филип Додевски (сениорски шампион на европско клупско првенство) и така полека доаѓаа Иван, Марко, Филип Цо, Марко …. Тоа беше генерација за која што брат ми и јас цврсто верувавме дека ќе дадеме СЕ, за да испише македонска спортска историја.

Почнаа да победуваат се пред себе уште како пионери, станаа класни кадети, прераснаа во врвни спортисти. Првиот голем медал ни го донесе Деки од Европско првенство за У-21, го проби мразот и тргнавме кон височините.

Велат три одличја го карактеризираат човештвото – Нобелова награда, Оскар и олимписки медал!

НИЕ ТРГНАВМЕ ПО ОЛИМПИСКИОТ СОН

Братми, кормиларот на бродот, често ќе ми кажеше: „Полека, се ќе биде со Господ“.

15 години тренинг, најчесто два пати на ден, 15 години жртва, 15 години уживање, болка, пот, скршеници, радости, солзи, крв.

Над 200 меѓународни турнири, европски, светски првенства во Англија, Кореа, Канада, Русија, Аргентина, Австрија, Полска, Шпанија, Шведска, Латвија, Италија, Кипар, Тунис, Турција, Словенија, Србија, Хрватска, Грција, Бугарија, Албанија, Босна, Црна Гора, Романија….

Фала ви на сите што сте со нас.

Фала ти Господе за се, твоја е славата!

Иако ова сребро е златно, продолжуваме понатаму. Да не се заборави, ние тешко отстапуваме од тоа што ќе наумиме, тргнавме по злато, ќе го донесеме!“, напиша Костовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО