Тренерот на БК Вардар, Љубиша Пешко, ги поканува сениорските репрезентативци на Македонија, според негов избор, од 21 до 26 февруари 2017 година во Cтокхолм, Шведска, на базични подготовки и учество на еден солиден турнир.
Во овој избор влегуваат: 57кг Владимир Егоров ( Вардар), 61кг Лабазан Аскербиев (Вардар), 65кг Јасин Реџалари (Лирија) и Ертан Реџепи (Тефејуз), 70кг Дејан Митров ( Балканец) и Александар Павлев (Спартак), 74кг Бесмир Весели (Лирија) и Бехар Махмути (Тефејуз), 86кг Халил Зубаиров (Вардар), 97кг Мохамедгаџи Нуров (Вардар) и Тимур Хамикоев (Вардар) и 125кг Бобан Данов ( Вардар).
„Според мене, треба да се престане да се гледаат само личните интереси и личната афирмација, а да се започне со работа за обезбедување средства и услови за систематски развиток на целокупното македонско борење, како национален спорт, без импровизации и стихијност. Како стручно лице во областа на борењето како спорт, немам намера да убедувам некого како и зошто треба правилно да се тренира за остварување на спортски активности и светски забележителни резултати. Врз основа на актуелната состојба на македонските боречки клубови, анализа на претходните резултати и учество на нашите борачи, дојдов до констатација дека мора да се повтори успехот на Халил Зубаиров, да освоиме најмалку еден медал на Европското првенство У-23 следниот месец во Унгарија и два медали на Европското првенство за сениори во мај, Србија-Нови Сад. Започнува нов олимписки циклус и треба да се зацртаат и реализираат стриктно планирани тренажни програми и планирани учества на првенства со однапред зацртана цел и резултати. На боречките репрезентативци треба да им се овозможи учество на повеќе меѓународни турнири, каде што има појака конкуренција, со што ќе стекнат поголемо искуство и да изборат право како евидентни репрезентативци. Учество и остварување на забележителни резултати на Европски и Светски првенства“, вели тренерот на Вардар кој работи во Шведска и има боречки клуб, Љубиша Пешко.
Ipon.mk/В.Д.