Украинскиот боксер Васил Ломаченко (14-2, 10 КО) се враќа во рингот, а противник ќе му биде Јапонецот Масајоши Накатани (19-1, 13 КО). Двајцата имаат желба да победат за да добијат шанса повторно да се борат против Теофимo Лопез, сопственик на шампионскитe појасi на ВБО, ВБА и ИБФ.
Ломаченко и Накатани влегуваат подеднакво во мечот, и двајцата тежат по 61 килограм.
Последната борба Украинецот ја имаше на 17 октомври минатата година кога со судиска одлука загуби од Лопез.
Британскиот боксер Ентони Крола, кој беше лошо нокаутиран од Ломаченко во четвртата рунда пред две години, за Васил вели дека ќе се врати на тронот.
„Ломаченко сака да им покаже на сите дека ќе се врати и сака да биде запаметен како еден од најголемите боксери во историјата. Неговиот перформанс против Накатани ќе ги потсети луѓето колку е добар“, рече Ентони Крола и додаде:
„Тој е неверојатен противник. Не знам дали можев да направам повеќе во нашата пресметка ако направев нешто друго. Тој е посебен боксер и беше немилосрден кон мене. Можеби е еден од најголемите аматерски боксери во историјата“.