Легендарниот каратист Јорго Огненовски: Секогаш сакав да бидам најдобар!

Леѓендарниот каратист Јорго Огненовски повторно е во Македонија. Тој неодмана се врати од САД каде што работи, односно се занимава со снимање на филмови.

Можеби за младите каратисти и не е доволно познат, но за постарите, нема кој не знае за него од Триглав до Гевгелија, бидејќи имаше забележителни настапи во југословенската репрезентација на државните шампионати и на европските и светските првенства.

Огеновски кој е носител на мајсторски појас 3 дан, карате кариерата ја започнува во Битола, тренирајќи во тамошната Гимназија. Потоа доаѓа во Скопје и тренира кај Мира Костиќ и Живко Тасевски во гимназијата „Орце Николов“. Брзо напредува и стигнува до син појас, а за 5-6 месеци добива прилика да полага и за црн појас кај Илија Јорга. Нормално, укажаната шанса и стекнатите вештини ги користи и станува носител на мајсторски појас.

„Ми дозволи да полагам и ме зема во репрезентацијата на Југославија“, вели Огненовски кој е повеќекратен првак на Југославија во полутешка категорија и еднаш во апсолутна. Со репрезентацијата на Југославија го освојува бронзениот медал на Европското првенство во Бергенц, Австрија, во 1980 година и петото на Светското првенство во Каиро, Египет, 1983 година во екипна конкуренција.

Во тоа време југословенската репрезентација (70 и 80-тите години) е исклучително силна и важи за светска велесила, а во неа се имиња како Божовиќ, Дачиќ, Јорго Огненовски, Мирче Опеловски, а малку подоцна влегува и Назим Куртовиќ. Во поединчена конкуренција не му дозволуваат да се натпреварува, но и распоредот на категориите не бил како денес, односно имало само по двајца се натпреварувачи од репрезентација во поединечна конкуренција во апсолутна категорија.

Во Македонија се натпреварувал во екипата на Работнички (Венцислав Недев му бил тренер). Потоа го формира КК Економист на Економскиот факултет во Скопје со помош на тогашниот професор Никола Кљусев. Се натпреварува за Еуроинвест од Прилеп во Македонската лига, а некое време настапува и за клуб од Битола. Во Економист му се придружува Мирче Опеловски, а Аце Каранфиловски му е претседател на клубот. Токму тој му помага да стане каратист и на писхолошки план има многу големо влијание кај него.

Во 1987 година заминува за САД како каратист, но заработува пари со тенисот. Инаку, има учествувано на едно Државно првенство во тенис, а негов ученик е еден од нашите најдобри тенисери, Александар Китинов.

Во САД ги снима филмовите Воин за правда, Руски кум и Потрерница со Мето Јовановски во главната улога и Огненовски (акција) кој беше копрудукција на Министерството за култура и неговата фирма од Холивуд, потоа следи драмата Длабока црна дупка.

Во сите филмовите Огненовски е во главната улога и ги презентира карате вештините. Сепак, тој не ја постигна славата на Џеки Чен, Жан-Код ван Дам, Стивен Сигал итн.

„Добро поминаа овие филмови, се продаваа во светот. За да станеш голема ѕвезда треба имаш среќа да те земат големите компании, ако сакаш да бидеш нешто големо. Од друга страна, нема човек во Македонија што има снимено четири филма во Холивуд. Би сакал со Министерството за култура да направиме некоја продукциска работа со Холивуд. Најквалитени остварувања ми беа Руски кум и Потерница. Најбитна е промоцијата и да имаш пари и голема филмска компанија зад себе. Едноставно, немав поддршка за бидам Џеки Чен, Стивен Сигал или подобар од нив. Секој си има свој стил, а јас сум за посериозни акциски филмови. Со голем буџет и специјални ефекти може да се постигне успех“, раскажува Огеновски за своите филмски активности. Во овие филмови Јорго е режисер, сценарист и продуцент.

Тој вели дека се уште работи на проекти и нагласува дека не сака да снима нискобуџетен филм.

„Дојдов во Македонија пред 7 години и барав соработка со Министерството за култура. Сакам нашата земја да се рекламира со кавалитетен проект, како фестивал за најдобри песни во светот што ќе се одржи во Охрид. Ќе се промовираат светски таленти, за да станат светски ѕвезди. Како проекти, имам 3-4 филма. Мелодрамата, која ми е фаворит, е приказна за виртуоз на пијано кој има и одличен глас за пеење. Тоа е нешто најсериозно што го работам“, истакнува Огненовски.

Љубовта кон каратето и желбата да се постигнат резултати го водат напред и го прават успешен, со што си обезбедува почесно место во историјата на каратето на Југославија и Македонија, особено кога годинава во нашата земја се одбележува јубилејот „50 години карате во Македонија“.

„Каратето е многу здрава работа. Каратето те учи да бидеш квалитетен човек. Со дружењето се стекнуваат многу пријатели, успесите те влечат напред. Каратето е атрактивен спорт. Штета што кај нас не е платен, за професионално да се занимаваат со него. Од друга страна, те прави здрав човек“, потенцира славниот каратист.

Огеновски вели дека му било предизвик да биде дел од југословенската репрезентација, а потоа и другите да ги учи на карате вештината. За своето време ќе рече дека тоа се генерации на убави работи. Во денешно време, порачува тој, на децата им се потребни убавите работи,  за да им се даде правец и да ги оддалечи од компјутерите и дрогата.

За деновите поминати во репрезентацијата тој вели: „Тоа е прекрасна работа. Се сакавме, се подготвуваме, се дружевме. Дружбата е најважното нешто. Тоа ти останува. Колку повеќе пријатели имаш толку е подобро“.

Не може да издвои борба која му е најдрага или која најмногу му оставила впечаток, бидејќи за него сите борби се исти. Ниту еден противник не му бил посебна препрека или желба, затоа што сите ги перецепирал исто.

„Имав одговорност да победам, ако изгубев ми беше многу тешко. Сепак, титулите во полутешка категорија ми се драги“, истакнува тој.

За тоа како се случи во репрезентацијата на Југославија да има повеќе каратисти од Македонија Огеновски ќе потенцира дека имале добри односи и дека сите биле другари.

„Секој сакаше да го победи секого! Тоа не правеше подбри! И ден-денес живеам добро со сите репрезентативци, не само од Македонија, туку и од поранешна Југославија“, посочува Огненовски.

Денешната карате сцена во Македонија многу не ја следи поради неговите обврски во САД. Сепак, ќе нагласи дека секоја генерација си носи квалитет. Затоа и не сака да прави споредба на генерациите, а ќе порача дека не сака да гледа поделеност, но воочува дека имаме многу прваци.

За она што биле и што го направиле Опеловски, Огеновски, Димче Кичевски, Назим Куртовиќ, особено за Светското првенство во Бремен – Германија, на кое ги водел селекторот Илија Јорга…

„Тогаш немаше категории, само двајца ја претставуваа државата во поединечна конкуренција, а цел ни беа Јапонците. Вечерта сите репрезентативци мене ме предложија за поединечна конкуренција. Во меѓувреме, Божовиќ и Дачиќ го притиснале Јорга. Се подготував за борба, кога ме викна Јорга и ми рече дека имал големи притисоци да се бори Божовиќ, бидејќи тие се бореа за преземање на Карате федерацијата на Југославија. Така пропадна мојот настап во поединчена конкуренција, а имаше натпревари само во апсолутна категорија. Да беше распределбата на категориите како денес, ќе бев првак. Дачиќ беше во репрезентацијата во поединчена конкуренција, иако губеше од мене. Верувам дека и на Светското првенство ќе бев подобар од Јапонецот со кој се бореше Дачиќ. Секогаш сакав да бидам најдобар“, констатира Јорго Огненовски.

Инаку на ова СП Опеловски и Огеновски се натпреваруваат, додека Кичевски е во составот, без да му се укаже шанса да биде во петмината кои се борат на татамито.

Од сето она што го поминал во каратето и во животот Огеновски е со став:

„Најважно ми е што имав прекрасен живот. И, каратето е добро за здравјето. Криво ми е што не станав европски и светски првак, но затоа имам многу пријатели“.

Една од особеностите која го краси Огеновски е и чувството за правда.

„Најтргичен момент во кариерата е моментот кога во Каиро на СП не тераа да си купуваме вода. Ние бевме 10-12 натпреварувачи, а со нас дојдоа уште 15 функционери. Тие ги потрошија парите кои требаше да бидат наменети за репрезентативците. Кога ми рекоа да си купам вода, тогаш си реков дека веќе нема да настапувам за репрезентацијата“.

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON