Бугаринот Кубрат Пулев (37) можеби бакнежот на новинарката Џенифер Равало ќе го чини многу скапо, ниту помалку ниту повеќе туку 600.000 долари. Тоа е отштета што ја бара Равало поради „сексуално вознемирување“, откако ја бакна без нејзина дозвола по интервју во САД.
Новинарката од весникот Вегас спортс дејли/Vegas Sports Daily поднела пријава поради неговото недолично однесување по интервјуто по борбата со Богдан Дину во март.
При крајот на интервјуто, Равало го праша Пулев дали заслужува да добие шанса против британскиот поранешен шампион во тешка категорија Тајсон Фјури.
Бугарскиот боксер одговори со одлучно „да“ и потоа неочекувано ја бакна Равало во уста и си замина.
Равало во моментот изгреагира зачудено и со насмевка, но подоцна на Твитер доби прашање во врска со инцидентот и рече дека ситуацијата била „засрамувачка“ и „чудна“.
Боксерот тврди дека станува збор за „сериозна провокација на новинарката“ и се брани дека во текот на мечот изгубил „извесна количина крв“ па не можел „правилно да расудува“.
Инцидентот во Лас Вегас потсетува на сличен срамен момент на Френч Опен во 2017 година кога францускиот тенисер Максим Аму беше избркан од турнирот бидејќи се обиде насила да ја бакне новинарката Мали Томас за време на ТВ-интервју во живо.