Крушево ќе пречека 400 џудисти за Балканското првенство за кадети

Повеќе од 400 џудисти и џудо работници од најмалку 12 земји ќе бидат дел од Балканското првенство за кадети и кадетки кое од 9 до 11 јуни ќе се оддржува во Крушево.

Досега свое учество потврдија репрезентациите на 12 земји, Србија, Молдавија, Косово, Бугарија, Кипар, Турција, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Романија и Maкедонија, а се очекува ова листа многу наскоро да биде дополнета со репрезентативците на Хрватска и Словенија.

Балканското првенство официјално беше најавено со прес конференција на која пред присутните медиуми говореа Владимир Трпаноски, претседател на Џудо федерацијата на Македонија, Томе Христоски, градоначалник на Општина Крушево, Ѓорѓија Стојанов, спортски директор на федерацијата и селекторот на кадетската репрезентација, Дејан Мицкоски.

„Сметаме дека овој пат ќе имаме одлично организирано првенство на кое ќе земат учество 12 земји. Кога се споредува со другите спортски настани, со другите спортски федерации, сфаќаме дека Балканската џудо асоцијација е една од најголемите организации на балканско ниво, каде во моментот членуваат 12 земји, но сега очекуваме до крајот на овој месец приклучување на уште 2 земји. Се работи за Словенија и Хрватска кои треба да се приклучат во оваа балканска фамилија, така што бројот ќе се зголеми на 14 земји. Очекуваме повеќе од 400 гости, дел натпреварувачи, дел претседатели и стручни тимови од сите земји учеснички за кои подготвуваме организација на највисоко ниво. Се надевам дека ќе бидеме добри домаќини и дека сите тие присутни натпреварувачи и гости ќе понесат одлични импресии и дека ќе имаме едно Балканско првенство, неколку нивоа повисоко од сите досега организирани“, изјави Владимир Трпаноски, претседател на Џудо федерацијата.

Спортскиот директор Ѓорѓија Стојанов го потенцираше квалитетот на Балканското првенство и неговото значење за развојот на македонското џудо.

„Балканското првенство е прераснато во еден тип на големо регионално натпреварување, кое може да се рамни со големите европски натпреварувања и за таа цел тоа е од големо значење за нас и нашите џудисти и нашиот спорт. Веќе во август оваа година за прв пат во Македонија ќе се организира Европски куп за јуниори, чија организација за нас е од огромна чест, задоволство и значење, бидејќи во историјата на македонското џудо за прв пат организираме настан од европско ниво, каде ќе настапат повеќе од 500 – 600 џудисти од цела Европа, но и надвор од стариот континент. Тоа е голема заслуга на раководството на оваа федерација, на добрите политики на оваа федерација“, рече Стојанов.

За подготовките и завршната селекција свој увид даде и селекторот на кадетската репрезентација, Дејан Мицкоски.

„Првата фаза веќе помина. Имавме еден подготвителен тренинг камп во поширок состав, а пред нас следи втората фаза каде ќе ја извршиме и финалната селекција на нашите претставници на ова Балканско првенство. Значи имаме предвидено уште 2 контролни натпревари и 1 тренинг камп. Натпреварите ќе бидат од меѓународен карактер токму во следните седмици, така што во средината на мај, јас како селектор, заедно со моите помошници, кои се актуелни тренери на кадетската селекција, ќе го извршиме крајниот, финален избор на репрезентативци кои ќе земат учество на ова кадетско натпреварување. Имам предвидено некаде завршни припреми во последната недела пред Балканското првенство, кои ќе бидат токму тука, во Крушево“, заврши Мицкоски.

Сите натпревари од Балканското првенство ќе се одржуваат во спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“, а влезот за истите ќе биде бесплатен.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО