Со 44 години на грбот, Мирко Филиповиќ конечно им рече збогум на боречките пресметки. Долго Кро Кап ги игнорираше бројните повреди, но мозочниот удар кој го доби минатиот понеделник на тренинг сепак е најсериозна од сите проблеми.
„Јас може да се коцкам и со грбот и со коленото, но кога мозокот е во прашање, тоа не е шега“, објасни, меѓу другото, легендарниот борец во интервјуто за Нова ТВ и така потврди дека овој пат нема да има ново враќање.
Откако во Дневникот на истиот медиум ја опиша во детали целата ситуација, Кро Кап преку социјалните мрежи одлучи да испрати и една порака директно до неговите пријатели и навивачи кои сите овие години беа со него.
„Драги пријатели, последната борба беше и мојата последна битка. Неколку пати најавував крај па се враќав, бидејќи тоа беше посилно од мене, но сега е навистина крај. Во понеделник изутрина, доживеав мозочен удар. Да не должам, имав голема среќа да не го парализирам или изобличам моето лице. Денес излегов од болница и се чувствувам добро и се надевам дека така ќе останам. Лекарските упати и предупредувања ги сфатив повеќе од сериозно и сега пред мене е фаза на опоравување каде што треба да бидам многу дисциплиниран. По околу 3 месеци ако магнетната резонанца покаже дека опоравувањето е успешно ќе може да продолжам со вежбање, но никогаш нема да ми биде дозволено да спарирам и да примам удари во главата, бидејќи тоа би било преризично, а камоли да се борам. Но, сето тоа е живот, ова е предупредувањето што го сфатив сериозно. Ви благодарам на сите вас кои ме следевте за време на мојата кариера и бевте со мене и во победите и во поразите. Имав богата и многу долга кариера и навистина неам за што да жалам. Благодарам на сите“, порача Филиповиќ на Инстаграм.
https://www.instagram.com/p/BueqAKoAR2F/?utm_source=ig_embed
.