Ковалев: Канело е вистински маж и борец, ама ова е моја категорија

Трикратниот светски шампион во полутешка категорија Сергеј Ковалев (34-3-1, 29 КО) овој викенд во Лас Вегас против Канело (52-1-2, 35 КО) ја брани титулата на ВБО.

Иако одработи еден меч во суперсредна категорија во која ја држи „редовната“ титула ВБА, 29-годишниот Мексиканец во мај во последната борба го победи Дени Џејкобс.

Ковалев ја цени неговата храброст, но вели дека се чувствува прероден откако го напушти тренерот Џон Дејвид Џексон, со кого не остана на пријателски односи.

„Се чувствувам одлично. Овде сум за слава. Поради мојата приказна. Ова е за мојата историја. Пред неколку борби кога почнав да работам со мојот нов тим, Бади Мек Гирт и Теди Круз, тие повторно ми ја вратија вербата во себе. Можам да постигнам повеќе со овој тим. Во моите последни борби, можете да забележите мала промена во техниката и стилот. Подготвен сум да се борам 12 рунди“.

Ковалев ќе има предност против Канело и во висина и во опсег на рацете. 36-годишниот Русин е повисок 10 сантиметри и има 5-сантиметарски поголем опсег на рацете.

„Ги почитувам неговите потези и ризикот што го прифаќа. Ова е бокс, но во боксот, само вистинските мажи се обидуваат да се докажат. Сакаат да докажат дека се вистински борци, а Канело е тој. Но, ова е моја категорија. Во неа сум уште од мојата прва борба и сакам да испишам историја, мојата приказна. Тој се обидува да го стори истото и затоа дојде во категоријата до 79,4 килограми, затоа што тука има многу добри борби“.

„Крушер“ во последната борба во август на домашен терен во Чељабинск во возбудлив меч го нокаутира претходно непоразениот предизвикувач од Велика Британија Ентони Јард. Во Вегас, огромното мнозинство во салата ќе биде на страната на Мексиканецот.

„Сакам да разочарам многу луѓе во сабота“, заврши Ковалев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON