Костовска настапува на Премиер лигата во Кина: Само смирено и фокусирано сметам дека можам да дојдам до голем резултат

Вероника Костовска (-61 кг) од КК Олимпик спорт е единствената каратистка од Македонија што ќе настапи на престижната Карате 1 Премиер лига во кинескиот град Хангжу од утре до недела.

Како што пишувавме претходно, Костовска имаше подготоки во кампот во Аранѓеловац, Србија, каде што се подготвуваше со каратистките на Србија, предводени од поранешната европска и светска шампионка Роксанда Атанасов, која сега е тренерка на светската, европска и олимписка шампионка, Србинката Јована Прековиќ.

Костовска моментално е на 50-то место на ВКФ ранг-листата.

„Моите очекувања се, како и секогаш, пред сѐ да го дадам максимумот на татамите и да се претставам себе и Македонија во најдобро светло. Се подготвував напорно и фокусирано, како во мојот матичен клуб Олимпик така и во Србија, со истакнатата тренерка Роксанда Атанасов. Само смирено и фокусирано сметам дека можам да дојдам до голем резултат“, ни изјави Костовска по пристигнувањето во Кина.

Да потсетиме дека Вероника 2015 година стана европска шампионка во кадетска конкуренција (-54 кг), тогаш како членка на КК Кеикс. Тогаш таа во финалето ја совлада Французинката Гвендолин Филипе со 5-0 на Европското првенство во Цирих, Швајцарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО