Кокер откри дека последната борба на Федор требало да биде на Црвениот плоштад

Федор Емелијаненко треба да има уште една борба во Белатор пред да се пензионира.

Руската ММА легенда го победи Американецот Тимоти Џонсон со нокаут во првата рунда минатиот октомври во Москва. Тоа беше 40-та победа во кариерата за Емелијаненко.

Претседателот на промоцијата Скот Кокер потоа објави дека Последниот руски император ќе има барем уште една борба.

Се знаеше дека Федор уште еднаш ќе настапи во Москва, но локацијата не беше позната.

Кокер откри дека имале дозвола да го одржат настанот на Црвениот плоштад во Москва.

Но, по руската инвазија на Украина, плановите пропаднаа.

„Тоа дефинитивно нема да се случи во Москва оваа година“, рече Скот Кокер.

„Прошталната борба на Федор сега не може да се одржи таму и сега бараме друго решение“.

Борбата на Црвениот плоштад беше одобрена од претставници на Кремљ минатата година, а настанот требаше да се одржи во средината на 2022 година.

„Планиравме да организираме уникатен настан во Москва, а тој требаше да се одржи на Црвениот плоштад. Тоа би било одлично место најдобриот во светот да ги испратиме во пензија“, рече Скот Кокер и додаде:

„Но, сега треба да продолжиме понатаму и да најдеме друго место каде што Федор би можел да организира проштална борба. Тој заслужува големо збогување, но се уште не знаеме каде ќе се случи тоа“.

Федор Емелијаненко (40-6) во септември ќе наполни 46 години, а неговата проштална турнеја, која прво беше замислена како три борби, а потоа беше намалена на две, е продолжена поради пандемијата на Ковид-19.

Во октомври минатата година, Федор се врати по двегодишна пауза и го нокаутира Тим Џонсон за 100 секунди на настанот Белатор 269 во Москва.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО