Македонската кик бокс репрезентација замина на ВАКО Европскиот кик бокс куп „Сараево опен 2023” кој ќе се одржи од 5 до 7 мај во Сараево, Босна и Херцеговина.
На овој престижен кикбокс натпревар учество ќе земат 583 кикбоксери со 751 натпреварувачки влезови од 15 држави.
Нашата репрезентација е составена од 60 натпреварувачи со 64 натпреварувачки влезови, тренери, судии и организациски тим од 13 македонски кикбокс клубови членки на КМФМ.
Во склоп на овој куп ќе се одржи и Купот „Гранд при БиХ 2023” за почетници и помлади кадети на кој ќе земат учество 8 наши натпреварувачи од 3 кикбокс клубови.
„Се надевам на добар резултатски пласман и очекуваме добри борби и медали. Овие европски купови се големи кик бокс настани на кои имаме можност за врвна размена на искуства. Настапуваат голем број на противници во сите дисциплини и категории. И, секако, ова се купови на кои се собираат поени и влијаат на рејтингот на натпреварувачите. Им посакувам успех на сите членови на нашата репрезентација и посакувам успешен куп без повреди“, изјави претседателот на КМФМ, Дејан Митровски – Урко