Градоначалникот на Кисле Вода, Филип Темелковски денеска во просториите на Oпштина Кисела Вода оствари средба со Катерина Ацевска, победничка на Светскиот куп во џиу џица и со нејзиниот тренер Александар Ацевски.
На Светскиот куп одржан во Букурешт, Романија македонската џиу џица репрезентација, претставувана од Катерина Ацевска од Кисела Вода, во категорија жени У16, +63кг освои златен медал. Ацевска златото го освои со победа над натпреварувачката на Грција со голема резултатска разлика од 16-5.
“Во нејзината категорија Катерина Ацевска златото го освои во јака конкуренција од натпреварувачки, три од Грција, две од Русија, и по една од Украина и Романија. Со четири убедливи победи дојдовме до овој голем успех. Украина ја победивме со резултат 11-4, а Русија со 20-14 и на финалниот натпревар со резултат 16-5 ја победивме Грција. Сакам да нагласам дека Русија и Грција се на врвот во Светското џиу-џицу. Покрај ова, на купот трето место освоивме со Нина Ташкова од Штип, а во конкуренција од 15 борци петто место освои нашиот натпреварувач Зоран Колевски од Скопје. На Светскиот куп 1330 борци од 28 држави се бореа на 7 борилишта“, изјави селекторот Александар Ацевски. Катерина Ацевска досега има освоено многу златни медали на домашни и меѓународни турнири. Таа активно тренира во Клубот за џиу – џицу Дан кју, во фискултурната сала на ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода.