Македонската карате-репрезентација денеска патува на Европско првенство за сениори во Гвадалахара (од 22 до 26, пријавени се 548 каратисти од 47 држави).
Македонија досега има убави спомени од европските првенства, бидејќи освои многу медали, а сега целта е да се продолжи континуитетот на освојување медали. По успешно завршените подготовки, репрезентативците со оптимизам гледаат на она што ги очекува на татамите во мошне силна конкуренција.
„Се чувствувам добро, имав успешен подготвителен период. Бев на тренинг-камп во Србија, кој беше зачинет и со контролни борби, каде што ја кренав формата на највисоко ниво. Последната недела имавме завршни подготовки во Бар заедно со репрезентацијата на Црна Гора. Моите очекувања на ова ЕП се да се покажам во најдобро светло, она што најдобро го знам во каратето, а со тоа верувам дека ќе дојдам до нов медал, а зошто да не биде и златен. Ако биде злато, секако дека ќе ми биде најдраг, оти покрај тоа што ќе ми биде трето злато од ЕП, ќе ми претставува и прв во нова повисока тежинска категорија. Се надевам дека ќе го подобрам тој резултат од 2019, кога токму во Гвадалахара освоив бронза. Но она што е исто така многу важно, е тоа што ова ЕП се бодува за Европските игри во Полска, годинава, каде што првите тројца од ЕП одат директно, следните тројца се од ранг-листата, еден е претставник од домаќинот на Игрите и еден ќе се натпреварува со вајлд-карта“, вели Павлов, најуспешен и најдобар македонски каратист, носител на четири медали од ЕП, по два златни (2014 и 2018 г.) и бронзени (2016 и 2019).
Јована Георгиева е носителка на бронза од ЕП 2017 година
„По бронзениот медал во 2017 г., би сакала да повторам уште еден таков успех, што значи во Гвадалахара одам да се борам за медал. А за тоа ќе одлучуваат мојата добра стратегија, фокусираноста, како и желбата и вербата во себе“, вели Георгиева.
Во добар настап и пласман во врвот верува и Вероника Костовска, која во 2015 година стана европска првенка во кадетска конкуренција.
„Очекувам да го дадам мојот максимум, мотивирана сум, а пресудно за пласман на врвот ќе бидат чистите мисли, смиреноста и, секако, желбата за успех“, рече Костовска.
Таа на ЕП во Турција беше петтопласирана.
Боите на Македонија ќе ги бранат вкупно 15 натпреварувачи, 10 во борби и пет во кати. И во двете конкуренции Македонија ќе има и екипен настап.
Освојувачот на бронзениот медал од последното ЕП во Турција, Петар Спасеновски, се надева дека бронзата ќе ја замени со посјајно одличје.
„На Европското првенство во мојата категорија ќе настапат 39 натпреварувачи, од исто толку држави. Конкуренцијата е многу силна, бидејќи тие се најдобри каратисти во нивните земји. Во одлична форма сум, добро подготвен и се надевам дека ќе го подобрам сјајот на медалот од минатата година, а со тоа ќе ја израдувам Македонија уште еднаш во низа“