Македонските боксери Ален Рустемовски и Арјан Исени беа на чекор до медал на Европското првенство во У-23 во Будва, Црна Гора. Но, секогаш работите не зависат од боксерите, туку и од судиите, особено во тоа беше видливо во случајот со Рустемовски кој борбата со Ерменцот Руслан Асликјан ја загуби со 2-3, а со истиот резултат, фактички така беше одлучен и победникот, изгуби и во третата рунда. Првата ја доби убедливо, втората му припадна на противникот, а третата беше сосема изедначена, дури беше и валкани елементи од Ерменецот. Од ова не беше поштеден и Исени, посебно во третата рунда со Французинот Сесар Јожерлин.
По стивнувањето на емоциите разговравме со тренерот Јове Петровски – Оцо кој ги предводеше нашите боксери.
„Арјан Исени за противник го имаше францускиот боксер Сесар Јожерлин, со кого се сретнаа во ¼-финалето. Исени во претходните две борби извојува победи над полскиот боксер Себастијан Куж и Гркот Михаил Цималидис, на кого му се реваншира за поразот на Европските игри во Краков, Полска.
Исени беше добро подготвен физички, технички и тактички, но на крајот од втората рунда почнавме да го работиме тоа што претходно се договоривме. Таа рунда, исто како и првата, му припадна на Французинот. Третата рунда Исени ја изработи маестрално противникот два пати беше во нокдаун, но судијата на овој меч тоа не сакаше да го види. Францускиот боксер доста искусно успеваше да ги ублажи нападите на Исени со нечисти методи во боксот кои не беа казнети. Исени е доста задоволен од неговиот настап на Европско првенство“, вели Петровски и доаде:
„Ален Рустемовски во еден месец е оштетен три пати: на Балканско првенство во Бугарија, Европскиот куп во Будва и сега на Европско првенство. Ален во осминафиналето го совлада унгарскиот боксер Арманд Ковач убедливо 5-0. За четвртфиналниот дуел со Ален се подготвуваме речиси три дена, пред сè тактички, кога веќе знаевме кого го имаме за противник. Тој ни беше добро познат од европските и светските првенства и турнири. Добро бевме подготвени и неслучајно го изненадивме уште од самиот старт на борбата, па се до крајот, како што и бевме договорени да го избоксираме целиот меч. Првата рунда беше убедливо наша, во втората Ален продолжи со истата тактика да пласира со заден директ и предно кроше, кои и беа прецизни. Од половина на втората рунда до самиот крај ерменскиот боксер наметна поагресивен стил на бокс, но многу нечист и со широки и ниски удари, за кои воопшто не беше опоменат. Третата рунда ја почнавме одлучувачки, бидејќи видовме дека судиите се наклонети кон ерменскиот боксер. Уште на самиот старт Ален пласираше прецизни и јаки удари, при што ерменскиот боксер повторно не можеше да ги издржи. Ален ја контролираше третата рунда со уште една две добри размени на удари и прецизни контри, додека ерменскиот боксер продолжи со широки и непрецизни удари кои завршуваа во задниот дел на главата на Рустемовски. Ерменцот воопшто не беше опоменат, ниту за ниските спуштања кои не се дозволени. Не знам од која причина не беше опоменат. Ален е дефинитивно оштетен во овој меч. Тоа го потврди и публиката која бурно реагираше на одлуката на судиите. Но, што е тука е, веќе навикнавме како тим на оваа неправда која ни се нанесува се почесто. Но, жалиме за тој медал, со што ќе ја израдувавме целата македонска нација. А, искрено, се гледавме и во финалето, но таа шанса ни ја скратија делителите на правдата“.
Петровси се осврна и на потенцијалот на Рустемовски и Исени.
„Ален е 19-годишно момче кое ветува многу. Тука е и Арјан Исени, одличен боксер кој живее во САД. Но многу добро и позитивно работиме кога сме заедно во тимот и не беше случаен севкупниот резултат на нашите боксери. Европските боксери почнуваат да не сфаќаат сериозно, иако многу неправди се на наша страна. Сепак, обичната публика го гледа и препознава квалитетот со кој се претставуваме и веќе сме нивни миленици и сме многу благодарни за тоа кога добиваме позитивни реакции“, вели Јове Петровски.