Јапонија предложи едногодишно одложување на Олимписките игри во Токио кои требаше да се одржат ова лето поради пандемијата од коронавирусот, а Меѓународниот олимписки комитет (МОК) тоа го прифати, соопшти во вторникот јапонскиот премиер Шинзо Абе.
„Предложив игрите да се одложат за една година, и претседателот на МОК, Томас Бах, тоа го профати стопроцентно“, изјави Абе по теле-конференцијата, на којашто освен него и Бах учествувале и гувернерот на Токио, Јурико Коике, претседателот на Организацискиот одбор на Олимписките игри 2020, Јоширо Мори, и јапонската министерка за олимписки игри, Сеико Хашимото.
Како што рече Коике, Игрите коишто ќе се одржат следното лето ќе го носат називот Токио 2020.
Министерката за олимписките игри Хашимото додаде дека оваа одлука ќе претставува олеснување за спортистите кои досега не можеа да се подготвуваат како што е потребно за најголемата спортска смотра на светот. Додаде, исто така, дека одложувањето нема да биде подолго од една година.
Доколку оваа одлука официјално биде прифатена од водството на МОК, ова ќе биде првото одложување на Олимпијадата во модерната ера во период на мир. Претходно само двете светски војни во XX век предизвикаа одложување, а потоа и откажување на Игрите.
Истовремено одложувањето претставува голем удар за Токио, како и за цела Јапонија, кои вредно со години се подготуваа за од 24-ти јули до 9-ти август бидат домаќини на најголемата спортска манифестација на планетата, по кои од 25-ти август до 6-ти септември требаше да следат Паролимписките игри.