Ивандер Холифилд верува дека Фјури не може да го следи темпото на Усик

Љубителите на боксот конечно добија меч за обединување на појасите во тешка категорија, Aлександaр Усик и Тајсон Фјури се договорија за борба за апсолутен шампион, која ќе се одржи во Саудиска Арабија во февруари следната година.

Тоа ќе биде една од најинтересните борби во тешка категорија во последните дваесет години, а можеше да пропадне доколку случајно Џипси Кинг неодамна се „лизнeше“ на мечот против Френсис Нгану.

Имено, на крајот на октомври во Ријад Фјури боксираше против поранешниот шампион на УФЦ. Британецот беше соборен во третата рунда, но на крајот победи со поделена одлука.

Мечот меѓу Усик и Фјури беше најавен за 23 декември, но, по дуелот со Нгану Тајсон побара малку време за одмор, а борбата за апсолутен шампион ќе се одржи на 17 февруари во Саудиска Арабија.

Непоразените тешкаши неодамна го имаа првиот состанок, а Фјури веќе играше умствени игри, на што Усик не падна.

Боксерската легенда Ивандер Холифилд во едно неодамнешно интервју истакна дека Усик не треба да се отпише прерано и верува дека може сериозно да му се закани на Фјури со својата брзина и умешност.

„Мислам дека Усик ќе го победи Фјури, бидејќи тој е тежок борец кој не се предава. Тајсон не може да го следи ритамот на Усик и не знам дали може да удри повеќе удари од неговиот противник. Во тоа не може да се натпреварува“, изјави Ивандер Холифилд и откри каков би бил мечот доколку би се борел против денешниот шампион:

„Мислам дека нивната ера не е подобра од нашата. Имавме неколку олимпијци кои влегоа во професионалниот ринг и беа многу добри. Во наше време бевме посилни“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО