Интернационален судија од прв ранг, Катерина Михајлова, изминатиот викнед судеше финални борби на Меѓународниот турнир „Софија опен 2016“, кој е еден од најсилните во регионот.
„Особено сум задоволна од мојата партиципација на овој натпревар, бидејќи како интернационален судија имав можност да ги судам финалните и борбите на Кореанците, од каде што потекнува таеквондото, кои, впрочем, важаат за едни од најдобрите во натпреварувачи во светот“, изјави Катерина Михајлова за Ipon.mk и додаде дека со таеквондо се занимава повеќе од 10 години и дека како судија активно учествува на натпреварите веќе 2 години. Исто така, Катерина е тренер во Таеквондо клубот Кобра.
„Таеквондото во Македонија има 10 национални судии и тоа претставува навистина голем прогрес за спортот. Судиската организација се подготвува за престојниот Меѓународен турнир „Скопје опен 2016“, кој ќе се на 3 април во Спортскиот центар Кале“, вели Катерина.
Инаку на турнирот во Бугарија учествуваа 1200 борци и повеќе од 200 клубови од 10 држави : Бугарија , Србија , Македонија, Романија , Грција, Данска , Кореа, Молдова, Финска и Кипар.
„Кога зборуваме за таеквондото во регионот, со сигурност можам да кажам дека ова е еден од најсилните турнири со голем број на учесници, при што во една категорија може да има по 20 борци. Македонија ни овој пат не побегна од својата цел, тоа го докажа со три златни медали во апсолутна категорија во сениорска и јуниорска конкуренција, како и во кадетска“, нагласува Михајлова.
Ipon.mk/В. Д.