За 13 октомври, вторник, во 19 часот, во салата на Балканец е закажано вонредно изборно Собрание на најтрофејниот клуб. На вонредното Собрание се поканети сите поранешни асови на штипското борење, претседатели на клубот и борачи. За одржување на вонредното Собрание беше потпишана петиција од борачи и поранешни и сегашни боречки функционери.За причините и за целта на вонредното Собрание, побаравме мислење од Виктор Богданов, тренер и иницијатор за одржување на Собранието.
„На петицијата за одржување на вонредното изборно Собраниие се потпишаа околу 50 сегашни и поранешни борачи и спортски работници. Собранието ќе има обединувачки карактер. Целта е да се закопат „воинствените секири“ и во една мирна атмосфера да ги одредиме натамошните задачи на клубот. На Собранието ги поканивме и поранешните претседатели Здравко Коцев, Марјан Атанасов, Трајче Димков, Стојан Колев и други, меѓу нив и трикратниот олимпиец, Зоран Шоров. Имам информации дека сите се согласиле да присуствуваат на Собранието и да дадат придонес за надминување на состојбите, без разлика на партиските бои. Овој поширок круг спортски работници и борачи треба заеднички јавно да ги избере органите и телата на клубот, претседател, застапник на клубот, секретар, Извршен и Надзорен одбор. Целта е и да ги одредиме и насоките за работа во идниот период, да обезбедиме поголема масовност. Секој конструктивен предлог ќе биде прифатен. Доста беа делби, несогласувања, критизерство. Верувам дека ќе успееме да го обединеме штипското борење, што е во интерес на сите. Време е да почнеме сериозно да се зафатиме со работа, да го вратиме единството во клубот и не само во клубот…“- вели Виктор Богданов.
Да потсетиме, до одржување на вонредно Собрание доаѓа откако беше соопштено дека за претседател на клубот е избран Добре Маринков, без претходна најава и транспарентност, за што имаше и незадоволство. Да веруваме дека оваа иницијатива ќе донесе резултати и Балканец ќе се врати на поранешните успешни патеки.
ipon.mk/К.Манев