Клубовите иницијатори за свикување на вонредно Собрание на Карате федерацијата на Македонија реагираат со писмо дека актуелното раководство собира бланко полномоштва, нешто што е незаконско и нестатутарно делување и кое е казниво.
Во целост ви го пренесуваме нивното писмо.
„Актуелното раководство на чело со неспособниот претседател и почесниот претседател преплашени од брзиот пораз и губењето на позициите почна со незаконски и нестатутарни дејанија. Имено, тие почнаа со собирање на бланко полномоштва од клубовите во кои не се сигурни дека ќе гласаат за нив. Ве потсетуваме дека тоа е незаконско и нестатутарно делување кое е казниво. Сите тие кои ќе предадете полномошно на друго лице ќе бидете предадени на Дисциплинска комисија и суспендирани. Исто така, ќе бидете пријавени во Агенцијата за млади и спорт, како и кај органите за прогон. Истото ќе биде и за тие кои што собираат бланко полномошна. Таквите полномошна нема да ги признаеме на вонредното Собрание и јавно ќе ги прозиваме на Собранието. Ве повикуваме да не си играте со својата судбина и да не се доведувате во ситуација да бидете казнети или суспендирани.
Ние сите се знаеме и точно знаеме кој е легалниот претставник на клубот.
Собранието ќе биде следено од претставници на Агенцијата за млади и спорт и други надлежни институции како и од претставници на средствата за информирање. Не дозволувајте вашето име и вашиот клуб да бидат изложени на столбот на срамот.
Исто така можно е на некои клубови или тренери да им се понуди пари за да го дадат својот глас. Внимавајте, брзо ќе бидете откриени и предадени на органите за прогон, а ве очекува и долготрајна суспензија на вас лично и вашиот клуб.
Да се заложиме сите и да придонесеме вонредното Собрание да помине во статутарна, законска и демократска процедура“, се наведува во писмото на иницијаторите за свикување на вонредно Собрание.
(Овој допис го изразува личното мислење на авторите и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)