Денеска почина легендата на македонскиот спорт, првиот македонски олимпиец- борач, Симеон Шутев. Тој во 1968 година учествуваше на ЛОИ во Мексико Сити, заедно со Борче Димовски, кој пред извесно време почина во Германија.
Симеон Шутев е роден 21..11.1942 година во Штип. Беше професор по физичко воспитување во ЕМУЦ Никола Нехтенин во Штип.По завршувањето на боречката кариера беше и тренер во Балканец, ги воспитуваше младите генерации. Покрај борењето, тој беше и спортски риболовец.Беше и добар пливач и гимнастичар.Беше и боречки судија.
Симеон Шутев е маркантна спортска личност во Македонија. Успешно ги бранеше боите на Балканец, но и на други клубови. Од детски годни го засака спортот и не се откажа од него до крајот на својот живот. Уште на 16 години тој го „намириса“ душекот. Негов прв учител беше Ристо Таков. Во 1960 година првпат стана државен првак. Тогаш, првпат ги слушна и убавите зборови од својот татко – „Сине, се гордеам со тебе…“
Симеон Шутев секогаш раскажуваше за ЛОИ во Мексико. „Сите спортисти во олимпиското село живеевме како браќа, како едно семејство. Се сеќавам на моето дружење со пливачката Ѓурѓица Бједов, која освои три медали и Вера Николиќ, која беше најдобра во атлетските дисциплини. Тоа беше голем настан за мене. По ЛОИ во Мексоко, сите олимпијци не прими тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Тој се ракуваше со мене. Се сеќавам добро и тој ми рече дека почнал со борењето. Тогаш, Тито ми подари табакера, која ја чувам со неговиот потпис…“
Симеон Шутев е еден од најдобрите борачи и во двата стила- слободен и во грчко римски стил.„Бев седум години најдобар во слободен стил, а во 1965 глоина во Зрењанин станав и државен првак во грчко римски стил….“- ни зборуваше Шутев кога ја подготвував книгата „Штипска спортска енциклопедија“. Тој 1970 година ги бранеше боите и на Гавриловиќ од Петриње. Симеон Шутев ги бранеше боите и на Железничар од Белград. Од 1962 до 1965 година успешно ја заврши Вишата тренерска школа во Белград.
Симеон Шутев го донесе првиот медал за Македонија од едно меѓународно првенство. Тоа се случи 1962 година на Балканијадата во Атина, кога беше трет. На СП во Манчестер, Шутев беше шести. На ЕП во Скопје 1968 година, Шутев беше четврти, кога ја освои олимписката норма за ЛОИ во Мексико.
Симеон Шутев постојано нагласуваше дека Македонија е боречка нација, треба да го негува борењето и сопствениот кадар. „Перспективата е во младите, тие треба да се мотивираат, да им се обезбедат услови за работа, резултатите сами по себе ќе дојдат. Постарите бореачи треба да го негуваат другарството, заедништвото, да им помагаат на помладите…“- постојано нагласуваше Симеон Шутев, еден од основоположниците на македонското борење.
Посмртните останки на Симеон Шутев ќе бидат изложени утре, недела, 9 август , од 11 до 12 часот во штипската капела. БК Балканец изрази сочуство до семејството на Симеон Шутев.Сочувство изразија и голем број спортски асоцијации и спортски работници и борачи.
ipon.mk/К.М.