Со доаѓањето на Имер Кадријовски за претседател на БК Лирија се воведува пракса секој месец да има борби до еде поен во отворена категорија, при што првиот добива 50 евра, вториот и третиот по 30 и 15. Синоќа се одржа турнирот на Лирија до еден поен.
„Со ова сакаме да ја видиме физичката и техничко-тактичката подготвеност на нашите борачи, односно колку се подготвени. Со наградите сакаме повеќе да ги мотивираме борачите“, вели претседателот Имер Кадријовски.
Тој изразува задоволство и од работата на тренерскиот кадар во Лирија.
„Тие работат многу сериозно и јас сум задоволен од нивната работа. Но, мора да нагласам дека борачите и тренерите имаат многу добри услови за работа“, истакнува првиот човек на Лирија кој како придонес за клубот донираше комбе со кое неговите борачи ќе може да патуваат на турнири во регионов и пошироко.
Кадријовски посочува дека БК Лирија има буџет од 50.000 евра и дека целта е да се освои домашниот Куп (ако се формира лига и Лигата), младите борачи да имаат успешен настап на младинските Олимпсики игри во Аргентина ова лето, како и добри настапи на кадетското и младинското европско првенство, категории во кои клубот има потенцијал. Во сениорска конкуренција засега не се очекуваат некои позабележителни резултати. Но, дава акцент на Светското првенство за ветерани во Скопје оваа година.
„И јас се подготвувам да учествувам на Светското првенство во категоријата од 46 до 50 години. Ако се подготвам добро, очекувам и медал. Подготовките веќе ги почнав во фитнес центарот Елементс во Греманија“, категоричен е Кадријовски.
Според него, можно е Македонија да се врати на победоносните патеки во светското борење, но смета дека треба во секој клуб да има по еден платен тренер, за да може да се посвети на работата со борачите. На тој начин ќе се поттикне конкуренцијата, како што било порано, во Бучим, Спартак, Блаканец и другите клубови. Конкуренцијата, вели тој, дава резултати.
Кадријовски е поборник на лига натпреварите, затоа што така публиката ќе се врати на трибините, а за поголеми спектакли, како во Греманија, тој смета дека лигашките натпревари треба да излезат од границите на Македонија, односно формирање на Регионална лига. Имер како добар пример ја посочува Регионалната бокс лига. Со тоа ќе се подобри квалитетот на борењето, мотивацијата кај борбачите ќе биде поголема, а публиката масовно ќе се врати во салите. Најважно од се е што сите противници би биле на неколку стотици километри.
Десет борачи на Лирија се заминати на висински подготовки во нивната традиционална база Китка.
Имер Кадријовски е поранешен борач на Лирија во периоодт од 1985 до 1990 година. Во тој период неколку пати (5-6 пати) е државен првак на СФР Југославија, има бронзен медал од Балканско првенство, два пати е петти на ЕП во Бурса-Турција и Лапуа- Финска. Учесник на Светско првенство, а на меѓународните турнири 15 пати е прв, меѓу кои е и Македонскиот бисер.
По 1990 гоидна настапува во германските клубови ЕЦ Армин во Минхен и АЦ Пенцберг. Првиот клуб од Седма лига го донесуваат до Втора, а со вториот се натпреварувал во Втората Бундес лига. Кадријовски станува и првак на Баварија.
Ipon.mk/В.Д.