Игор Довезенски – инструкторот за класични јапонски боречки вештини: Противници сме си ние и нашето его, а тој што ќе се победи самиот себе си, ги извојувал сите победи на светот…!

Единствениот македонски инструктор за класични јапонски самурајски и нинџа вештини, Игор Довезенски, неодмана се врати од Јапонија каде што беше на тринеделно усовршување кај своите учители.

Довезенски посети неколку доџо-а и тренираше со повеќе учители, а најмногу време помина тренирајќи со легендарниот Рисуке Отаке, учител на најстарата јапонска школа за мечување Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. Незбежни беа и тренинзите со последниот нинџа мајстор на планетава, Масааки Хатсуми, инаку долгогодишен учител на Довезенски за неколку нинџутсу школи.

По тој повод, а како што ветивме, направивме интересно интервју со сенсеи Довезенски.

Со „Последниот жив Нинџа“, соке Масааки Хатсуми, по доделувањето на мајсторското звање Џудан (10 дан).

Неодамна се врати од Јапонија каде што беше на редовно усовршување на своите вештини. Кај кои учители беше и што конкретно учеше од нив?

Да. Бев на уште едно тринеделно усовршување бидејќи не постои начин стекнатото знаење да го задржиш, доколку не го дополнуваш. Тоа е процес кој завршува со последниот здив на боречкиот уметник. Боречките вештини имаат само почеток, а крајот е недостижен за сите практичари.

Во вештините кои јас ги вежбам и застапувам во Македонија, се користи терминот Муша Шугјо. Во слободен превод тоа значи „Воинско патување поради проучување и усовршување“. Моето Муша Шугјо беше поделено во три етапи односно посветив подеднакво време на сите три вештини кои ги предавам во нашата држава.

Даито рју Аикиџуџутсу е стара самурајска школа која со векови се пренесувала и љубоморно се чувала во рамките на еден од најмоќните јапонски кланови – Такеда. По совет на мојот учител Антонино Черта, кој инаку е единствениот нејапонски Шихан за оваа вештина, посетив неколку доџоа. Тој секогаш ми вели дека за време на моите престои во Земјата на Изгрејсонцето, треба да посетам колку што можам повеќе доџоа за Даито рју Аикиџутсу, со цел да ја споредам мојата вештина, но и да стекнам нови искуства и знаења. Секако, неизбежни се тренинзите во градот Кавасаки со Онеида сенсеи, кој пред многу години вежбал заедно со Черта сенсеи во легендарното Даитокан доџо во Абашири – Хокаидо.

Што се однесува до нинџутсу, цели две недели вежбав во централното односно Хомбу доџо на Соке Масааки Хатсуми во градот Нода во провинцијата Чиба. Тој во светот е познат како „последниот жив Нинџа“. Се разбира, покрај неговите часови, редовно ги посетував и тие на неговите најдобри шихани, како што се Ногучи сенсеи, Нагато сенсеи, Шираиши сенсеи и други.

Особена чест ми беше средбата со Јасусада Иизаса,наследникот на најстарата јапонска документирана самурајска боречка вештина Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, како и тренинзите со главниот учител Кјосо Шигетоши. Како што ми кажа еден од моите ментори за оваа вештина, јас сум меѓу ретките нејапонци во светот кои пиел чај и разговарал со Јасусада сенсеи во неговото доџо изградено пред 350 години од неговите претци. Секако, податокот дека претходно тоа им се случило на имиња како што се Дон Драгер, Квентин Чембрс и Фил Релник, направи да се почуствувам толку засрамено и понижено, бидејќи јас сум ништо во споредба со овие великани кои се познати само на луѓето кои добро го познаваат светот на традиционалните јапонски боречки вештини.

Инструкторот Игор Довезенски со сегашниот Соке на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – Јасусада Иизаса.

 На кој начин тие ги пренесуваат своите вештини на учениците и посебно на оние што не се од Јапонија? Од друга страна, како ти ги пренесуваш стекнатите вештини на твоите ученици?

Вештините во Корју Буџутсу се пренесуваат на три начини: Таиден, Куден и Шинден. Таиден претставува пренос на техничкото знаење поточно на телесната вештина. Тука важи само едно правило – напорен секојдневен тренинг. Куден се однесува на таканаречениот усмен пренос на тајните на самата школа, а тоа подразбира длабинско појаснување на самите техники кои се запишани, или, пак, не се запишани во деншото или макимоното. И на крајот, Шинден значи пренос на вештината од срце на срце односно преку невербална комуникација помеѓу учителот и ученикот. За да го објаснам ова би ми требало премногу простор, па затоа не би навлегувал во повеќе детаљи со цел да не ги заморувам Вашите читатели.

Не постои разлика при преносот на знаењето на јапонските ученици или нејапонските, а јас ги користам истите методи користени од страна на моите Учители.

Што најмногу ги привлекува твоите ученици, односно кој дел од вештината?

На ова прашање би требало тие да одговорат, а јас можам да проценам дека секој од нив има различни афинитети и вкусови, меѓутоа генерално кај сите нив тлее желбата да научат нешто повеќе од самата основа.

Меѓу ретките кому му била доделена честа да го чисти меморијалот на големиот нинџа Такаматсу Тошитсугу.

Зошто овој спорт не е многу раширен во Македонија?

Тука можеби лежи најголемата заблуда за обичните читатели. Традиционалните јапонски боречки вештини не се спорт и немаат натпреварувачки карактер. Со самото тоа тие не се толку интересни за општата јавност. Денешните родители сметаат дека нивните деца треба да освојуваат медали преку кои ќе ја оправдат посветеноста и трудот вложен во своите деца, а истовремено преку нив можеби ќе реализираат некои свои неисполнети желби. Тука не зборувам за оние врвни натпреварувачи кои ја претставуваат нашата земја, туку за оние локални турнири кои пречесто се организираат при што во секоја категорија има по три или четири натпреварувачи и на крајот сите си заминуваат среќни со медали околу вратот. На тој начин со текот на времето може да се развие и еден вид фрустрација кај децата, што може негативно да влијае во понатамошниот живот.

Традиционалните јапонски боречки вештини познати во Јапонија како Кобудо или Корју Буџутсу се наменети исклучиво за развивање на телото и на духот на поединецот, а со тоа и на самата нација, како и подигнување на свеста за животот воопшто. Се натпреваруваме секојдневно, меѓутоа единствениот противник сме си ние самите и нашето его кое не тера да правиме работи од кои подоцна се срамиме. Тој што ќе се победи самиот себе си, ги извојувал сите победи на светот, велат старите Учители.

 Покрај редовните тренинзи држите и семинари, најчесто во природа. Која е целта на семинарите?

Традиционалните јапонски боречки вештини во минатото биле создадени и користени исклучиво поради одбрана на семејството, земјата и нацијата, па како такви се користеле на бојното поле со векови. Ако се отуѓиме од природата чиј составен дел сме, ние сме мртви школки без живот во себе. Погледнете што се случува. Дечињата играат фудбал во затворени балони, пливаат во затворени базени полни со мртва и застоена вода, спортуваат во сали. И покрај физичката активност, резултат на тоа се бројните алергии кои секоја година се повеќе ги полнат клиниките. Нам ни треба природа, отворен простор, допир со растенија и животни. Ни треба чист воздух, изворска или морска вода. Имаме потреба од шума, планина, чисто небо над нас. Токму затоа честопати одржуваме семинари во природа и се обидуваме да направиме конекција со Мајката.

Во овие вештини спаѓа и јапонската масажа. Која е целта и што овозможува масажата?

Древните свитоци покажуваат дека Јапонските боречки вештини отсекогаш оделе рака под рака со начините на лекување. И тоа е сосема јасно, бидејќи вистинскиот боречки уметник од 16-тиот век не можел да биде комплетен Воин доколку знае само како да одземе живот, туку и како да го поврати животот на својот непријател доколку е тоа потребно. Тој метод бил познат под името Каппо и се предавал истовремено со боречките техники. Станува збор за симулација или масирање (Анма) на одредени специфични точки на телото кои благопријатно делуваат на организмот и на здравјето. Сакајќи што подоследно да ја пренесам вештината на моите ученици, одлучив да ги проучувам и овие лекувачки методи. Затоа ги практикуваме во нашето доџо.

Со учителот Нагато, во Хомбу Доџото на организацијата Буџинкан.

Откако заминавте во Јапонија во Ipon.mk објавивме текст посветен на Вас со наслов „Единствениот македонски самурај“ што предизвика големи полемики на нашата ФБ страница. Дали навистина сте „единствениот македонски самурај“, ако се има во предвид дека имаме големи мајсторски имиња во боречките спортови, посебно во каратето?

Таа полемика се одвивала додека вежбав Кенџутсу (мечување) во бамбусовата шума на ридот Јамизо со еден од моите Учители. Се уште не сум ја прочитал, меѓутоа моите ученици ми пренесоа дека некои карате и аикидо инструктори употребиле негативни зборови преку тастатурите. Во ред е. Јас јавно се извинувам доколку некој бил навреден од таквиот наслов, но дозволете ми да Ви објаснам зошто моите ученици кои сакале да ме одбранат во таа дискусија го користеле изразот „единствениот македонски самурај“. Впрочем, мислам дека овие полемики се производ на незнаењето и на недостатокот на доволно информации поврзани со боречките вештини.

Да разјасниме и да разграничиме еднаш засекогаш. Во Јапонија сите боречки вештини генерално се делат во две групи: Гендаи Будо или модерни боречки вештини и Кобудо / Корју Буџутсу односно традиционални или класични јапонски боречки вештини. Во првата група спаѓаат Џудо, Кендо, Џодо, Аикидо, а во поново време и Карате-до, која всушност доаѓа од Окинава и има кинески корени. Сите овие се создадени на крајот на 19-тиот и во првата половина на 20-тиот век за широките народни маси како дел од физичкото образование, а со цел да се одржува здравјето на нацијата и да се подготвува за одбрана на земјата. Корју Буџутсу или Кобудо се самурајски вештини поточно школи создадени пред укинувањето на самурајската каста во 1868 и се комплетни борбени системи во кои се изучува борба со Катана (меч), Јари (копје), Нагината (хелебарда), Јуми (лак и стрела), Шурикени (метални сечива за фрлање) итн…
Останува тажниот факт дека само јас, за моја огромна жал, сум единствениот кој вежба традиционални јапонски боречки вештини односно Кобудо. Само во нашето доџо може да се вежбаат сите овие самурајски вештини и само јас сум признат како официјален преставник на јапонските учители за гореспоменатите школи, а тоа лесно може да се провери во регистерот. Велам за жал! Моите ученици знаат колку пати сум изјавил дека би било добро и за нас самите, кога би постоеле и други практичари на други класични јапонски боречки вештини со кои би можеле да споделиме искуство или да основаме некоја поголема федерација или сојуз на Кобудо практичари во Македонија. Подготвен сум со сите мои капацитети да помогнам на секој што сака да започне да вежба или да донесе некоја друга Корју вештина во Македонија. А сите тие кои се почуствувале навредени, еве, ги замолувам нека ми кажат со име и со презиме некој во нашата држава кој вежба самурајски вештини, јас ќе бидам пресреќен доколку дознам дека има таков.

Што се однесува до Вашата констатација дека имаме големи мајсторски имиња во боречките вештини, а посебно во каратето, јас целосно се согласувам со Вас. Имаме фантастични инструктори кои за жал не се доволно ценети во нашата држава. Тоа е тоа што јас го нарекувам „македонско проклетство“. Ние секогаш повеќе ги цениме Учителите од страна, па дури и ако се неколку класи послаби од нашите, меѓутоа секогаш имаме полна уста критики и плунка кон сопствените инструктори. И тоа е нешто што не можам и не сакам да го разберам. Меѓутоа, тука лежи одговорот зошто живееме во целосно неорганзирано општество.

И на крајот кажете ми како се станува ученик за некоја класична јапонска боречка вештина?

Дозволете ми прво да Ви објаснам како се станувало во минатото, бидејќи денес тој стандард е намален во повеќето класични вештини.
Најпрвин Ви било потребно писмо во кое некој по искусен Воин односно практичар кој вежбал кај Учителот ќе Ве препорача, а таа пишана препорака се вика Суисен-џо. Потоа требало да потпишете заклетва која се нарекува Кишомон каде што ќе се заколнете дека нема никогаш да ги предавате тајните на школата или да подучувате без дозвола од Учителот. Во некои школи било обврзно да се потпише крвна заклетва наречена Кеппан, со која се колнете на лојалноост кон Учителот и која Ве обврзува строго да ги следите правилата. Денес овие правила се следат само во најстарите Кобудо вештини кои имаат непрекината линија на наследници.

На пример, кога јас добив препорака и дозвола да почнам да вежбам Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, која е најстара и најпочитувана боречка вештина во Јапонија, морав да потпишам крвна заклетва (Кеппан) пред главниот Учител. Тој ми даде нож со кој морав да го засечам прстот и со својата крв да се потпишам на листот на кој беа напишани правилата на школата.

Што се однесува до организацијата Буџинкан, која што исто така ја преставувам во Македонија, треба да споменам неколку работи. Прво, Нинџутсу не е Кобудо односно Корју Буџутсу. Тоа е генеричко име за вештини односно школи во кои главно се изучуваат техники за собирање информации односно психолошки вештини кои во минатото им служеле на спротиставените кланови да ја добијат битката со своите противници. Инаку, во оваа организација може секој да се зачлени без никакви посебни препораки, бидејќи е отворена за сите зааинтересирани. Меѓутоа мора да се спомене дека последниве дваесетина година почна хаосот да навлегува и да ја разјадува сржтта на организацијата. Сепак, се уште постојат неколку земји кои ги негуваат старите правила и во кои напредувањето е многу тешко. Една од нив сме ние и затоа Буџинкан Македонија е многу почитувано доџо во меѓународни рамки. Всушност сооработката со најголемите Кобудо и Нинџутсу мајстори го докажува тоа, а ние и понатаму постојано ќе го подигнуваме тој стандард.

Ви благодарам за одвоеното време и се надевам на понатамошна соработка.

Ви благодарам и јас и се надевам дека не бев премногу досаден на Вашите читатели, а се извинувам за сите оние нејасни јапонски термини кои ги употребив во текстот за да подобро ја појаснам смислата за класичните јапонски боречки вештини. Иако се трудев да ги избегнувам колку што можам, сепак мислам дека во некои моменти беа потребни за подобро да се разбере филозофијата на Корју Буџутсу.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON