Управниот одбор на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) одлучи да го откаже исклучувањето од натпреварувањето на боксерите од Русија и Белорусија.
Организацијата смета дека треба да остане политички неутрална и независна, а исто така повика на мирно решавање на конфликтите.
„ИБА цврсто верува дека политиката не треба да има никакво влијание врз спортот. Затоа, на сите спортисти треба да им се дадат еднакви услови“, се вели во соопштението на ИБА.
Во март, Меѓународната боксерска асоцијација ги суспендираше Русите од учество на меѓународни натпревари поради ситуацијата во Украина.
Под знамињата на своите држави ќе можат да настапат и руската и белоруската селекција, а во случај да освојат златен медал ќе се интонираат и националните химни.
Според одлуката, во натпреварувањата ќе се вратат и техничките функционери на Русија и Белорусија.