„Имав прилика да го проследам екипниот настап на македонската репрезентација на Балканското првенство во Истанбул минатиот викенд и моето мислење за Македонското карате е навистина високо, бидејќи ги следам случувањата во европското и светското карате каде Македонија ниже големи успеси“, рече турскиот карате ас, Халдун Алагаш, денс на прес-конфернцијата во Агенцијата за млади и спорт, каде што во негова чест беше организиран прием.
Поранешениот европски и најмлад светски првак во карате утре ќе одржи еднодневен семинар во ОУ „Наум Наумовски –Борче“,односно во салата „Методија Андонов-Ченто“, а во соработка со нашите најголеми карате ѕвезди, како Емил Павлов, Берат Јакупи и други ќе има можност да ги сподели своите искуства на помладите генерации.
„Драго ми е што сум гостин во една држава каде што се чуствувам како дома и секогаш кога ќе бидам поканет ќе бидам ваш гостин, надевајќи се дека има што да покажам, бидејќи секоја кујна има исти состојки, но начинот на кој што истите се комбинираат ја дава спецификата на секое јадење. Истото е и во каратето. Елементите и техниката се исти, но начинот на комбинирање на истите ја дефинира спецификата на секоја борба“, истакна Алагаш.
Инаку Халдун Алагаш е роден во Измит, Турција, каде што го завршува основното и средното образование, додека високи студии завршил на Универзитетот за физичка култура во Истанбул. Со карате се занимава од 1982 година, а во 1998 година станува најмлад светски шампион во сениорска конкуренција.
Тој се заблагодари на Агенцијата за млади и спорт и Карате федерација на Македонија, како и Карате клубот Куштрими на чија покана е реализирана оваа посета.
Халдун е еден од најуспешните спортисти во Турција, и во негова чест еден грандиозен спортски центар во Истанбул го носи неговото име.
Алагаш денес имаше прием и кај градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Ipon.mk/В.Д.