Горан Стојанов- БК Балканец: Дали сме ние само гласачка машина?

Balkanec-Prizren

На седницата на УО на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), како претставник на Балканец, присуствуваше Горан Стојанов, еден од тренерите во клубот. Горан Стојанов присуствуваше и на седницата на Стручниот совет на ФБСМ, кога биле одредени кандидатите за одредени селекции.
„Уште на седницата на Стручниот совет реагирав на одредени неправилности кои се прават во Федерацијата. Уште пред двете седници, се било договорено, ние само бевме гласачка машина и надгласувани. На седницата присуствуваа поголем број членови на Лирија ,кои ги фаворизираа своите борачи. Донесените одлуки беа апсурдни. Се случи, кадетите веќе да се на подготовки во Бугарија, а ние да ги одредуваме патниците!? Во Бугарија заминаа 4 борачи на Лирија, еден на Бучим. Немаше место за наши две деца, државни прваци и едно од Неготино. Не утешија дека наводно ќе имало преборување пред Европското првенство. Не ни беше кажано кога ќе биде тоа преборување, а ЕП е на прагот, ќе се одржи од 4 до 9 август во Суботица…“– се прашува Горан Стојанов.
Претседателот на ФБСМ, Чедо Николовски потврди дека кадетската репрезентација се подготвува во Бугарија, но дека ќе има преборување.
„Тренерот Седат Бафтија треба да го спроведе преборувањето. На ЕП ќе заминат само најдобрите, оние од кои очекуваме резултати. И порано имало случаи борачите да заминат на подготовки, со одлука на тренерот на репрезентацијата, а потоа да бидат донесени одлуки на УО,но тогаш немаше вакви реакции…“- вели Чедо Николовски, кој додаде дека Федерацијата ќе ги плати трошоците за тројца кадети на ЕП.
УО даде препорака да се преборуваат и сениорите пред да заминат на СП во Лас Вегас. Ќе биде интересно преборувањето во категоријата до 86 и 96 килограми, каде конкурираат тројца борачи- Дејан Богданов и двајцата натурализирани Македонци од Русија, Зубаиров и Нуров.
Посебно внимание на седницата на УО на ФБСМ било посветено на „Случајот Пешко“.
„На седницата на УО на ФБСМ беше прочитана изјавата на Љубиша Пешко дека тој се откажува од македонската репрезентација и во иднина ќе ја води српската. Тоа е одлука на Пешко, кој во Баку бил пријавен како селектор и на македонската и на српската репрезентација, па реагирала Европската комисија на ЛОИ. Пешко се одлучи да ја води српската репрезентација.Затоа, беше и суспендиран и предаден на Дисциплинската комисија на ФБСМ…“– изјави Горан Стојанов .
Инаку, на седницата на УО биле промовирани и десетте најдобри надежни борачи на Македонија, кои од Агенцијата за млади и спорт треба да добијат стипендии. Од Балканец на оваа листе се наоѓаат Васе Спасов и Михаил Николов.

ipon.mk/К. Манев

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON