Горан Алексовски: Идејата за Меморијалниот турнир „Димче Кичевски“ дојде по разговорот со ќерка му Павлина

„Идејата за меморијалниот турнир дојде во разговор со потесното семејство на прерано починатиот карате великан Димче Кичевски, со ќерката Павлина – Пале“, истакнува организаторот на првиот меморијален карате турнир „Димче Кичевски“, Горан Алексовски – Конти, тренер на КК Скопје.

Турнирот ќе се одржи на 15 април во Скопје во ОУ „Круме Кепески“ во Скопје со почеток во 10 часот. Турнирот е за кадети и јуниори.

„На почетокот замислата беше да се направи сениорски натпревар со учество на сите балкански држави и да биде празник на сите каратисти. Но, бидејќи во мај се одржува сениорското Европско првенство, за да не дојде до некои несакани повреди на репрезентативците и нивно отсуство од ЕП, затоа овој турнир го направивме за кадети и јуниори во сите категории за кати и кумите. Котизација за овој турнир нема. Направен е со идеја сите кои тренираат карате и се кадети и јуниори да дојдат на овој настан и да ги покажат сите свои вештини и целото знаење“, вели Алексовски и додава:

„Бидејќи на мене, како еден од организаторите, ова ми е прв ваков турнир, морав да побарам совети и од далеку поискусните од мене. Сакам да изразам огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт која одобри средства да се одржи овој турнир, Општина Кисела Вода која ни ја отстапи салата во ОУ „Круме Кепески“, „Адора – инжинеринг“ која, исто така, несебично помогна. Голема благодарност до АД Скопска Пивара, Мини пани, Полео спорт, за нивниот придонес во целиот настан. Секако да изразам благодарност до Карате федерацијата на Македонија за соработката и советите како да се организира турнирот. Пред почетокот на Натпреварот ќе им бидат доделени симболични благодарници на сите чинители и помагачи  на натпреварот и ликот и делото на „Димче Кичевски“. Димче остави голем белег во македонското карате и се надевам на продолжување на традицијата да се одржува овој турнир во негово име“.

Поканети се сите пријатели на карате спортот и пријатели на Димче да дојдат и да го проследат натпреварот.

„Мислам дека ќе биде интересен за гледање турнирот посветен на „Димче Кичевски“, затоа што ќе учествуваат најдобрите каратисти во своите категории“, потенсцира Алексовски.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON