Националниот олимписки комитет на Украина планира да ги покани Владимир Кличко, Александар Усик и Василиј Ломаченко да учествуваат на Олимписките игри во Рио во август. Ова го соопшти еминентниот украински гимнастичар и шампион Олег Вернјаев.
„Тимот на Украина на Олимпијадата во Рио е способен дури да ги подобри резултатите од Игрите во Лондон. Кога бев во НОК, ја слушнав веста дека управата на Комитетот сака Ломаченко, Усик и Кличко да учествуваат во Рио. Ако тие се согласат, тоа ќе значи минимум три златни медали“, изјави Вернјаев во етерот на украинската телевизија „Ера“.
Потсетуваме дека Владимир Кличко стана шампион на Олимписките игри во Атланта во 1996 година, Александар Усик победи во Лондон 2012, а Василиј Ломаченко го освои златото на Игрите во Пекинг 2008 и Лондон 2012.