Карл-Мартин Дитман е новиот претседател на Европската федерација за борење. Германецот е избран на оваа функција викендов во Дортмунд на ЕП за јуниори и ќе ја наследи покојната бугарска легенда Цено Ценов, кој почина во 2020 година на 79-годишна возраст.
Дитман, долгогодишен генерален секретар на Германската федерација за борење (ДРБ), по неговиот избор изјави:
„Јас и моите колеги имаме за цел не само да одржиме високо ниво на борење во Европа, туку и да ја подигнеме границата ако е можно. Нашата цел е да им помогнеме на спортистите, бидејќи тие се причина за борeњето. Сакаме на овој начин да го подигнеме квалитетот“.
Дитман (60) е претседател на локалниот клуб Кирхлинд од 1981 година, а меѓу 1995 и 2014 година беше претседател на Асоцијацијата на Северна Рајна-Вестфалија. Тој ја презеде функцијата генерален секретар на ДРБ пред 20 години.
„Го поздравувам изборот на Карл-Мартин за претседател на европското борење. Го познавам и знам дека целата своја енергија ќе ја вложи на новото поле. Со него добро работиме многу години во Извршниот комитет на Обедниетото светско борење (ОСБ/ UWW) и убеден сум дека европското борење е во најдобри раце“, рече претседателот на ОСБ, Ненад Лаловиќ.
Беа одржани избори за бирото на ОСБ Европа, при што четиригодишен мандат добија Али Сисила (Унгарија), Георги Брјусов (Русија), Пиркалабу Разван (Романија), Жељко Трајковиќ (Србија), Перти Вехвилчинен (Финска) и Бетим Вренези (Македонија).