Донеодамнешниот шампион на УФЦ во тешка категорија е се поблиску до своето деби во боксот.
Сè уште можеме само да шпекулираме каде и под кои правила Френсис Нгану ќе го одржи следниот меч. УФЦ шампионот во тешка категорија неодамна не се согласи да ја продолжи соработката со УФЦ, а една од причините беше желбата на Френсис да се испроба во боксот.
Водачите на УФЦ не беа подготвени да ги исполнат барањата на Френсис Нгану, а Нгану не беше подготвен да се откаже од своите желби. Сега е отворен патот Френсис да договори какви било натпревари, а не е тајна дека боксерскиот меч против Тајсон Фјури е негова најголема желба.
Уште во април минатата година Нгану влезе во рингот по победата на Фјури над Дилиен Вајт, му пријде на Фјури и двајцата направија заедничко интервју. Во тоа време, и Фјури и Нгану покажаа интерес да се борат меѓу себе, но Нгану се опоравуваше од повредата на коленото и во тоа време беше под договор со УФЦ.
Френсис се опорави од повредата на коленото и е подготвен да се врати на терените, а во интервју за ТМЗ Спорт откри дека неговите претставници биле во контакт со Фјури. Очекувано, постои една голема пречка да се договори таа борба.
„Разговаравме со претставниците на Фјури, но тие работат на организирање борба против Усик во април. Тој (Фјури) нема да биде слободен дотогаш. Се надевам дека ќе се договориме пред борбата. Тоа ќе ми даде уште малку време да се подготвам. Немам проблем со времето што ќе го очекувам, а се надевам дека ќе се бориме во јуни (6-ти месец) или јули (7-ми месец). Мислам дека е рано за какви било заклучоци и рано е да се каже нешто конкретно, но ова е борбата на која работиме“, откри Френсис.
Тајсон Фјури неодамна исто така призна дека мечот против Усик е негов приоритет во моментов и најверојатно таа борба ќе ја видиме напролет. Нгану ќе мора да почека уште некое време, но „Предаторот“ нема да има проблем да чека, бидејќи од борбата со Фјури ќе си обезбеди огромен профит, а ќе си ја исполни и желбата да се испроба против еден од најдобрите боксери во тешка категорија.
„За оваа борба зборуваме изминативе две години, нешто повеќе од две години. Луѓето со нетрпение го очекуваат овој меч и мислам дека повеќе зборуваат за оваа борба отколку за мојата можна борба против Џошуа. Мислам дека натпреварот против Џошуа би бил огромен, но во моментов сме повеќе фокусирани на борбата против Тајсон Фјури“, додаде Нгану.
Претстои интересен период за Френсис и многу веројатно ќе го видиме во боксерскиот ринг во текот на оваа календарска година.