Френсис Нгану: Напуштањето на УФЦ беше најдобрата одлука во мојот живот
Камерунецот: „Отворив врата што никој не ја отворил пред мене“

Поранешниот шампион во тешка категорија на УФЦ, Френсис Нгану, изјави дека одлуката да ја напушти организацијата во 2022 година е најдобриот чекор во неговата кариера.
„Ова е најдобрата одлука во мојот живот. Ова е дел од моето наследство затоа што направив нешто што никој друг не го направил. Никој не ја достигнал позицијата на која сум сега. Јас ја отворив вратата и го направив онака како што мислев дека е исправно. Јас бев првиот. Што друго треба да докажам“?, рече Нгану во подкастот на Ариел Хелвани.
Камерунецот нагласи дека тргнал по поинаков пат, соочувајќи се со некои од најголемите имиња во боксот.
„Бев првиот што стапна во рингот за да предизвикам двајца од најдобрите боксери во светот. И ќе бидам првиот што ќе отвори ММА настан на Нетфликс“, додаде тој.
Нгану продолжува да ја гради својата кариера надвор од УФЦ, соочувајќи се со Бразилецот Фелипе Линс на 16 мај на МВП гала настанот во Лос Анџелес.



