Фоти Ѓатовски аналитички за подемот и падот на боречкиот спорт во „Борењето слободен стил во Република Северна Македонија 1958 – 2019“

Книгата која штотуку излезе од печат, а насокоро ќе ја доживеа и својата промоција, „Борењето слободен стил во Република Северна Македонија 1958 – 2019“ од Фоти Ѓатовски, поранешен борач и селектор, е ретка можност во нашата спортска литература да се најдат трудови со критичко-аналитичка содржина. Токму оваа книга е тоа. Ги дефинира причините за успехот, но и падот на македонското борење.   

Ѓатовски во ведниот дел ќе рече:

„Намерата на овој труд е да се анализира, зачетокот, развојот и подемот на борењето во слободен стил во периодот 1958 – 2018 година и се прикаже придонесот на борењето во слободен стил за афирмација на македонскиот спорт на меѓународен план, врз основа на постигнатите спортски резултати на македонските борачи на официјалните меѓународни натпревари (олимписките игри – ОИ, светските првенства – СП и европските првенства – ЕП). Основна појдовна теза е тоа дека спортскиот резултат е објективен извор на информација за вредноста на еден спорт, а постигнатите резултати на најзначајните официални меѓународни натпревари (ОИ, СП и ЕП), се значаен фактор за афирмација на една земја“.

Во трудот табеларно се прикажани и анализирани сите резултати во периодот 1960 – 2018 година како целина, но и посебно во три условно поделени временски периоди и тоа:

-1960 – 1972 година: Зачеток, развој и први врвни меѓународни резултати во борење слободен стил;

-1973 – 1992 година: Подем на македонското борење во слободен стил на меѓународен план и период на постигнати највредни спортски резултати;

-1993 – 2018 година: Криза и опаѓање на врвните спортски резултати на меѓународните натпревари во борење слободен стил.

Главниот мотив и предизвик за пишување на овој труд Ѓатовски го наоѓа во фактот што тоа ќе биде прв обид и труд со ваква содржина кој преку основна статистичка презентација на сите спортски резултати објективно ќе се анализираат.

„На еден таков чекор се решив и поради фактот, што во македонското борење непосредно сум присутен од 1961 година како борач и од 1973 до 1988 година како сојузен селектор или тренер на сениорската и младинската државна репрезентација во борење слободен стил, а од 1973 – 2002 година професионално бев вработен во ФБСМ, како тренер и стручен соработник“, посочува Фоти.

Победи против Клаудио Поли – Италија и Мохамед Баљзмавар – Иран, СП – Едмонтон 1982

Во трудот се настојува да се даде целосна анализа на постигнатите спортски резултати на најзначајните официални меѓународни натпревари на сениорската државна репрезентација, но и веродостојно да се прикажат најзначајните настани во зачетокот, развојот, подемот и кризата на македонското борење.

Исто така, нагласува Фоти, целта на овој труд е да се мотивираат, пред се, поранешните афирмирани тренери и борачи, да дадат свој придонес во збогатување и заокружување на овој проект за македонското борење и македонскиот спорт.

Авторот „Борењето слободен стил во Република Северна Македонија 1958 – 2019“ посочува дека современото борење во слободен стил во Македонија датира од 1958 година, откако во Штип во ДТВ “Партизан” се формира првата боречка секција со која раководат борачите и тренери Ристо Таков и Ристо Личнов. Тие боречкитете вештини на современото борење ги стекнале во Полска, каде што живееле по Граѓанската војна во Грција.

Ѓатовски истакнува дека првите врвни спортски меѓународни резултати македонските борачи ги постигнуваат на Балканското првенство зa сениори во 1961 година, освојувајќи 4 сребрени и 2 бронзени медали во состав на државната репрезентација на Југославија во борење слободен стил.

Сепак, главен акцент е ставен на периодот 1973 – 1992 година, кога следи повторниот квалитативен подем на македонското борење во слободен стил на меѓународен план и кога се постигнати највредните спортски резултати, нешто по што стана препознатливо во Европа и Светот, а ефектите се чуствуваа подолг период. Како поткрепа на оваа анализа и овој период, тој статистички го појаснува со бројот наосвоените медали и со процентуален учинок.

Постигнатите врвни спортски резултати на сите позначајни официјални меѓународни натпревари: –Олимписки игри (1 златен, 1 сребрен и 3 бронзени медали)

-Светски првенства (3 сребрени и 1 бронзен медал)

-Европски првенства (5 златни, 4 сребрени и 8 бронзени медали)

-Универзијади (2 бронзени медали)

-Медитерански игри (9 златни, 14 сребрени и 11 бронзени медали).

Ѓатовски констатира дека светските и европските првенства во младинска конкуренција и сениорска екипна конкуренција, се неоспорни факти кои укажуваат дека борењето во слободен стил го достигнува европскиот, светскиот и олимпискиот врв, со што се втемелува како основен придонес на спортските успеси на Македонија.

Во периодот 1960-2018 година на ОИ, СП и ЕП, освоени се вкупно 26 медали од страна на 7 борачи и тоа:

ОИ         СП          ЕП           Вкупно %

1.Шабан Трстена            2              1              7              10           38,50%

2.Шабан Сејди                                 2              2              2             6             23,20%

3.Магомед Ибрагимов 1             1              1              3              11,60%

4.Зоран Шоров                –              –              2              2             7,60%

5.Сефер Салиовски       –              –             2             2             7,60%

6.Мурат Рамазанов       –              –             2              2             7,60%

7.Валериј Верхушин     –              –             1              1              3,90%

„Посебен белег во овој период оставија и основоположникот на современото борење во Македонија и прв македонски Сојузен селектор и тренер – Ристо Таков и Сојузниот селектор и тренер – Бојан Рангелов, под чие водство беа освоени првите две бронзени медали на Европското првенство за сениори и учесник на Олимписките игри во Минхен 1972 година“, констатира Ѓатовски.

За подемот на борењето наведува дека тоа се должи на обезбедените услови за работа, парвовремени подготовки, ангажирање на странски тренерски кадар, обучување и школување на домашните тренерски потенцијали. Иако тоа не е наведено во книгата, секако дека голем мотив и силната волја за докажување и натпреварување. Еден сегмент во книгата точно го дефинира патот до успехот, а тоа е масовноста. Најдобро го ислутрира тоа со формирањето на БК Лирија.

„Тогаш во клубот и секцијата, кои се наоѓаа во непосредна близина, беа обезбедени задоволителни услови за тренинг во текот на целата година, каде во периодот од 1970-1983 година, повеќе од илјада деца беа опфатени со редовен тренинг. Од таа голема масовност, беа создадени неколку извонредни генерации и откриени и развиени во врвни борачи голем број таленти, меѓу кои и Шабан Сејди и Шабан Трстена, најголемите таленти и најдобри и најуспешни борачи и спортисти во Македонија“, наведува Фоти.

Како клучна година кога почнува падот на борењето во нашата земја е нотирана 1989 година.

На крајот авторот вели:

„Значи, подемот на борењето во слободен стил во Република Македонија, најмногу ќе зависи од раководната структура на Федерацијата и водечките боречки клубови. Конкретно, од менаџирањето со Федерацијата и боречките клубови, бидејки во моментот во Македонија, покрај одличните натурализирани Македонци, Владимир Егоров и Магомедгџи Нуров, постои одреден спортски и стручен потенцијал за надминување на кризата“.

Топло ќе ви ја препорачаме оваа книга, бидејќи е драгоцена и појдовна основа за надгрдба, но и подетално да се запознаете со анализата Фоти Ѓатовски.  

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON