Тајсон Фјури (29-0-1, 20 КО) славеше и во втората овогодишна борба во Лас Вегас, но до неа дојде со многу стрес.
31-годишниот Британец го порази претходно непоразениот Ото Валин (20-1-1НЦ, 13 КО) во многу тежок меч со едногласна одлука на судиите (116-112, 117-111, 118-110), но судиските картички не откриваат што се случуваше во рингот.
28-годишниот Швеѓанец го отвори мечот поагресивно против 9 сантиметри повисокиот Фјури и еднаш погоди со левицата. Поранешниот светски шампион ги избегнуваше нападите со движење и со преден директ, користејќи предност во растегот на рацете од 18 сантиметри.
Фјури во втората рунда боксираше од контрагард како и неговиот противник. Валин и понатаму оди напред и прави притисок, но Фјури почнува посериозно да погаѓа.
Британецот и во третата рунда ја препушта иницијативата на противникот и заработи голема исеченица над десното око, откако доби лево кроше. Ова ќе влијае на текот на борбата.
Фјури почнува да сфаќа дека не може да биде преопуштен со оглед на повредата и во следната рунда беше поагресивен, но без значителен ефект. Во петата станува уште попрецизен со десниот директ и со аперкат, но шведската левучар не се откажува и продолжува да оди напред.
Швеѓанецот прави одличен вовед во шестата рунда и погодува со неколку крошеа. Средбата потоа се прекинува за да се погледне повредата, а „Кралот на Ромите“ по ова преминува во отворена размена од блиска борба во која и двајцата погаѓаат.
На крајот од рундата Валин се послужи со валкан потег и се обиде со ракавицата да ја влоши исеченицата на Фјури.
Фјури е подобар во седмата. Погодува со заден директ и врзува удари. Помалку уморниот Валин добро го удира во телото.
Во осмата Фјури почнува да го напаѓа телото и се потпира на противникот за да го измори со тежината. Кон крајот на рундата го затвора Швеѓанецот во ќошот и пласира неколку добри удари, но исеченицата на лицето се повеќе крвари.
Поранешниот светски шампион во тешка категорија доминира во деветата рунда. Валин се потешко се брани и е на работ на нокдаун.
Фјури е немилосрден во десетата. Швеѓанецот се обидува да го спречи со држење, а цврстата брада го спасува да не заврши на подот.
Крвавиот Британец незапирливо оди напред и во 11-тата, а останува нејасно како Валин остана на нозе.
Во неверојатната последна рунда, Валин кој изгледаше дека е готов успеа сериозно да го здрма Фјури со лево кроше и продолжи да го напаѓа до последниот удар на гонгот.
На крајот, победата заслужено му припадна на Фјури, но сигурно е дека до неа дојде многу потешко отколку што планирал.
Со оваа победа, „Кралот на Ромите“ за прв пат ја одбрани титулата ВБО Интерконтинентален првак која јао освои со нокаутот против Том Шварц во јуни.
Фјури има закажан реванш со шампионот на ВБЦ Дионтеј Вајлдер за февруари следната година. За да се случи тоа, Американецот мора во ноември успешно да го одарботи реваншот со Кубанецот Луис Ортиз.