Тајсон Фјури има психолошка предност пред мечот со Владимир Кличко. Така барем мисли британскиот предизвикувач за светските титули во тешка категорија. 206 сантиметри високиот боксер се пофали дека веќе има забележано победа над легендата, но надвор од рингот. Фјури откри дека еднаш двајцата се обложувале кој подолго ќе издржи во сауна и Украинецот изгубил со разлика.
„Тој знае што се случи тогаш. Бевме во Австрија во неговиот тренинг камп. Имаше и други луѓе, кога двајцата решивме да се обложиме. Јас имав 12-13 мечеви во професионалниот ринг и мисловно веќе се натпреварував со него. Бев подготвен да умрам во сауната, поминав 40 минути“, истакна предизвикувачот за „Мирор“.
Според Фјури, оваа победа би требало да претежне во вистинската борба на 28 ноември, затоа што веќе му покажал на шампионот колку е мотивиран.
„Владимир може да зборува што сака. Но, јас ќе ви кажам дека на 28 ноември во Дизелдорф светот ќе има најколоритен и харизматичен светски шампион во тешка категорија од Мухамед Али па наваму“, одлепи Британецот.