Непоразениот Александар Усик ќе ги брани титулите во тешка категорија во ВБА, ВБЦ и ВБО против Тајсон Фјури на 21 декември.
Во првиот меч во средината на мај Украинецот го победи Џипси кинг со поделена одлука во борбата за апсолутен шампион.
Реваншот нема да биде за обединување на појасите, бидејќи Усик оттогаш го ослободи појасот на ИБФ, кој моментално е во сопственост на Даниел Дубоа.
Фјури често изјавуваше дека нема што да менува во подготовките за реваншот, но сега признава дека ќе го промени пристапот кон дуелот со Усик.
„Дефинитивно треба да бидам поопуштен, и поконцентриран и треба да престанам да се занимавам со циркус. Се однесував како кловн во рингот, премногу се забавував. Станав лежерен и Усик ме фати на погрешна нога“, изјави Тајсон Фјури и додаде:
„Во тешка категорија доволен е еден удар. Ако го задржам фокусот и високиот ритам во текот на целиот меч, верувам дека можам да победам, дури и со судиска одлука. Но, ако има можност за нокаут, тогаш дефинитивно ќе ја искористам“.