Познатиот промотер Френк Ворен изјави дека Тајсон Фјури и Александар Усик се заинтересирани за меч во кој би го добиле апсолутниот светски шампион во тешка категорија.
Минатиот викенд Усик го победи Ентони Џошуа во реваншот во Џеда и ги одбрани титулите на ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО, а го прозва и Кралот на Ромите, кој го носи шампионскиот појас на ВБЦ.
Фјури во април го победи Дилиен Вајт и најави дека се пензионира. Но, сите веруваат дека ќе ја смени одлуката и ќе се согласи на меч за обединување на титулите.
„Борбата меѓу Фјури и Усик би била одлична и верувам дека ќе се случи, бидејќи и двата табори се заинтересирани. По победата против Џошуа Усик изјави дека го интересира само борбата против Фјури, а сигурен сум дека истата ситуација е и со Тајсон“, вели Френк Ворен и подвлекува:
„Тоа би била историска борба, бидејќи сите појаси би биле во игра, а двајцата борци се уште немаат изгубено меч.
Некои обложувалници веќе ставија коефициенти за потенцијален меч меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик во својата понуда.
Кралот на Ромите е фаворит на овој меч и коефициентот за негова победа се движи од 1,35 до 1,40, додека коефициентот за триумф на Усик е околу 3,00.