Оваа боксерска сезона привршува, со тоа што остануваат уште две кола од Првата и Младинската лига на Македонија, по кои ќе се знаат прваците за 2017 година, иако извесно дека БК Чаир е најблиску до титулата во Првата лига, нешто што дефинитивно ќе го потврди на 2 декември, а за Младинската ќе се води неизвесна борба до крајот со Баргала и Пинк Пантер.
Со завршувањето на Златниот гонг е вистинско време да се направи пресек на досегашниот тек на боксерската сезона со членот на Управниот одбор на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), тренер на репрезентацијата и прв човек на БК Чаир, Фатон Салиху.
„Годинава се случуваа многу позитивни работи, како почетокот на Првата и Младинската лига, организиран превоз и ручек за сите боксери од боксерските клубови кои учествуваат во лигата, распределба на опрема од БФМ, организирани подготовки и учество на меѓународни турнири, прво на Адем Јашари во Приштина и финалето следеше на Златниот гонг во Скопје. Сепак, бенефитот е поголем, затоа што клубовите имаат поголема волја за натпреварување и од коло во коло се зголемуваше бројот на боксери во рингот, а и во клупските сали. Од друга страна, боксерите стекнаа поголемо искуство, а тоа се виде на Златниот гонг дека се подготвени, жал ми е што во некои борби бевме оштетени“, вели Салиху.
Ако се продолжи со ова темпо потпретседателот на БФМ смета дека за 2-3 години ќе имаме добри ртезултати во боксот.
Од она што можеше да се види во четирите кола на Првата и Младинската лига, Салиху ги констатира и позитивните и негатовните работи, но има размислувања и за поинаква организација од идната сезона.
„На УО ќе му предложам од идната сезона секој клуб да учествува со најмалку пет боксери во Првата и Младинската лига, од кадетска до сениорска конкуренција“, истакнува Фатон Салиху.
Ipon.mk/В.Д.