На 2 и 3 јуни се одржа 3-от по ред Голем балкански карате до семинар после неколкугодишна пауза поради пандемијата со коронавирусот. Годинашниов семинар стартуваше од Софија на 2 јуни а заврши во градот Кнежа – Бугарија.
Семинарот беше предводен од веќе познатиот инструкторски тим – сенсеи Зоран Пејов, сенсеи Милан Ѓокиќ и сенсеи Тони Петров.
„На семинарот се работеа техники од кихон, ката и кумите. Беа демонстрирани и повеќе тајни техники завиени под БУДО превезот. Семинарот помина во фантастична работна атмосфера и беше навистина презентирана вистинска будо енергија со максимално киме и борбен дух“, вели сенсеи Зоран Пејов од Крате центар „Пејов“ кој на семинарот настапи со сенпаи Јасмин Мустафоски.
Сите учесници биле презадоволни од настапот на инструкторите со желба за што побрза повторна средба.
„Целта на Големиот балкански карате до семинар е сплотување на сите балкански народи и обединување преку карате до како духовна боречка вештина на која што една од главните карактеристики е ширење на чиста хумана енергија и негување на основните морални и етички норми“, истакнува Пејов и додава:
„Голема благодарност до домаќинот за одличната организација и широката гостопримливост на сенсеи Тони Петров.
Одиме понатаму сите за едно Карате до“.
Следниот Балкански карате до семинар треба да се одржи во Македонија на 7 и 8 октомври 2023 година. Сите се добредојдени.