Ентони Џошуа по една година се раздели со тренерот Роберто Гарсија

Се чини дека Ентони Џошуа се раздели со тренерот Роберто Гарсија, откако промоторот Еди Херн потврди дека е во САД и составува нов тим.

По минатогодишниот прв пораз од Александар Усик, британскиот боксер се раздели со својот долгогодишен тренер Роб Мекракен, а го ангажираше Американецот Роберто Гарсија.

Во август Џошуа се обиде да му реваншира на Усик и да ги врати титулите во тешка категорија на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО, но не успеа.

По мечот се чинеше дека Џошуа и Гарсија се блиску до разделба, најмногу поради тоа што тренерот го критикуваше настапот на Еј Џеј.

Но подоцна Гарсија се оправдуваше дека сè е преведено погрешно, бидејќи тоа интервју беше на шпански.

Меѓутоа, промоторот на Џошуа, Еди Херн, сега открива дека Џошуа бара нов тренер во САД.

„Ентони се чувствува добро, моментално е во Америка и составува нов тим“, изјави Еди Херн и додаде:

„Тој избира со кого сака да соработува, а кога ќе го реши тоа, тогаш ќе му најдеме противник и ќе договориме датум за неговото враќање. Засега се оди според планот и со нетрпение го очекуваме наскоро враќањето на Еј Џеј во рингот“.

По разделбата со МекКрекен, Џошуа бил во контакт со тренерот на Канело, Еди Рејносо, и со тренерот на Буатси, Вирџил Хантер.

Но, се одлучи за Гарсија, бидејќи веруваше дека може да му ја даде победничката искра на реваншот против Усик.

Поранешниот шампион сега е во САД, а наводно бил снимен како тренира со Хантер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON