Ентони Џошуа би можел да добие уште една шанса да се бори за светската титула

Поранешниот двократен светски шампион во тешка категорија Ентони Џошуа во септември го доживеа четвртиот пораз во кариерата.

Златниот олимписки медалист загуби од Даниел Дубоа со нокаут во петтата рунда на преполниот Вембли во мечот за титулата на ИБФ.

Но Џошуа наскоро би можел да добие уште една можност да се бори за појасот, а тоа не мора да биде меч со Тајсон Фјури, Александар Усик или Даниел Дубоа.

Имено, за нешто повеќе од две недели Усик против Фјури ќе го брани појасот ВБА (Супер), ВБО и ВБЦ, додека шампионот на ИБФ, Дубоа, во февруари ќе боксира против предизвикувачот Џозеф Паркер.

А Џош би можел да добие шанса од ВБЦ, бидејќи ако Усик загуби, тогаш голема е веројатноста дека Украинецот и Кралот на Ромите ќе договорат трет меч.

Сега ВБЦ објави дека сака остатокот од тешката категорија да напредува во организацијата, па за февруари договорија борба меѓу Жилеј Жанг и Агит Кабајел. Победникот од тој меч би се борел со Џошуа.

„Нема поголема борба од Фјури и Усик, а таа отвора безброј можности за иднината“, изјави претседателот на ВБЦ, Маурицио Сулејман и додаде:

„Се договоривме Жанг и Кабајел да се борат за привремениот појас. Така тие ќе останат активни, а најголемите можни борби ќе продолжат да се водат во дивизијата“.

Агит Кабајел е втор во ВБЦ ранг листата на предизвикувачи пред Мартин Баколе и Жилеј Жанг на четвртото, Лоренс Околи на петтото и Ентони Џошуа на шестото.

„Џошуа апсолутно може да биде вистински противник на победникот од дуелот меѓу Кабајел и Жанг. Сè уште сме подготвени да организираме големи борби“, подвлече Маурицио Сулејман.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО