Емил Павлов отпатува на Светските игри во Бирмингем – САД

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов денес отпатува на 11. Светски игри (СИ) во Бирмингем (САД, од 7 до 17 јули).

Двократниот европски првак (од Тампере во 2014 година и од Нови Сад во 2015 година), двапати трет (во Монпелје во 2016 година и во Гвадалахара во 2019-та), носител на бронза од Европските игри (Баку, 2015 година) и светски вицепрвак од Дубаи 2021 година, првпат ќе настапи на Светските игри

За овој голем настан Павлов беше на карате-камп (од 20 до 28 јуни) во Швајцарија во градот Бург, блиску до Цирих, под водство на Шпанецот Раул Kуерва Мора, кој пред една година почна како тренер. На кампот имаше каратисти од повеќе земји, Шпанија, Швајцарија, Јапонија, Ирска, Кипар, Јордан, Луксембург и други држави.

Тој е единствениот македонски каратист што обезбеди настап на овие Игри, а се квалификував со освоеното второ место на последното Светско првенство. На Игрите обезбедија пласман првите тројца од последното Светско првенство, четворица од актуелната светска ранг-листа и еден претставник од земјата-домаќин.
За Павлов овие Игри се многу корисни за кревање и за усовршување на натпреварувачка форма, особено кога станува збор за дуели со каратисти од различни држави.

Светските игри се меѓународен мултиспортски настан, кој опфаќа спортови и спортски дисциплини што не се на програмата на летните олимписките игри (ЛОИ). Се одржуваат секои четири години, односно една година по ЛОИ. Светските игри се управувани од Меѓународната асоцијација на СИ, а под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).

На овие СИ во САД ќе има меѓу 25 и 30 спорта што се вклучени во официјалната програма. Голем број спортови што беа на програмата на СИ се прекинати оти сега се вклучени на ЛОИ. На Игрите во САД ќе учествуваат над 3.630 спортисти од 109 држави во 30 спорта.

СИ се разликуваат од другите мултиспортски настани како што се ЛОИ и по тоа што градовите-домаќини не се обврзани да градат нови места или објекти за Игрите.  Натпреварувачите ги избираат меѓународни спортски федерации. Во повеќето дисциплини, квалификациите се со врвен пласман на СП или на квалификациски турнир. Ова е наменето за да се обезбеди врвни спортисти да се натпреваруваат во еден спорт на Игрите. Првите СИ се одржаа во Санта Клара (САД) во 1981 година, а поради ковид-19, наместо во 2021 година, сегашниве СИ во Бирмингем се одржуваат годинава.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON