Најдобриот македонски каратист и спортист во независна Македонија, Емил Павлов, на вторите Европски игри во Минск, Белорусија, од 21 до 30 јуни, ќе ја брани честа на македонскиот спорт, но и бронзениот медал од Баку во 2015 година. Секако, ова е шанса за испишување на историја со овојување на медал и од вторите Европски игри, а сите би сакале тоа да биде најсјајниот.
На вторите Европски олимписки игри ќе настапат 50 европски држави, со околу 4000 спортисти во 15 спортови, а Македонија ќе настапи со 12 спортисти, најмногу од боречките спортови по тројца боксери и борачи и по еден каратист, самбо борач и џудистка.
Одиш на Европските игри со бронзениот медал од првите Игри во Азербејџан во 2015 година и си единстевниот што ќе го брани медалот, бидејќи Мартин Несторовски се откажа од активното карате натпреварување. Што може да очекуваме од најтрофејниот македонски каратист?
-Па да, јас сум единствениот македонски каратист што обезбеди норма за овие игри и единствениот што ќе учествувам со освоен медал од првите Игри. Од мене може да се очекува да ја претставам Македонија во најдобро светло. Овие Европски игри за мене се најголема цел оваа година по Европското првенство и се надевам на добар успех.
Што ќе биде од пресудно значење за успех на ЕИ?
-На овие игри пресудно ќе биде надмудрувањето и моменталната поготвеност на каратистите, бидејќи многу добро се знаеме со моите противници. Во изминатиов период имавме доста заеднички борби.
Како поминаа/поминуваат подготовките?
-Во моментов се уште сум на подготовки во Пехчево и сме сместени хотелот „Гогов“. Имам прекрасни услови за подготовки. Се работи на техничко-тактичкиот дел и анализа на моите противници. Тука се и репрезентативците до 21 година кои дојдоа да ми спарингуваат, но и подобро да се подготват за престојните натпревари.
Што мислиш за противниците? Каков е досегашниот биланс со нив?
-На овие игри имам тешки противници. Тука се и актуелниот светски и европскиот првак, како и турскиот репрезентативец кој е меѓу првите на ранг листата. Се борев со нив, сум губел, но и ги победував. Сепак, ќе дадам се од себе да ги победам и да освојам медал од овие игри.
Дали има разлика меѓу овие ЕИ и оние од пред четири години?
-Па, мислам дека нема ногу голема разлика. На првите игри не бевме олимписки спорт, сега сме и сите ќе сакат да се докажат во своите земји, затоа и ќе биде тешко. Но јас сум подготвен за овој голем предизвик.
Европски игри 2015, Баку-Азербејџан
Емил Павлов (-60 кг) го освои бронзениот медал.
Павлов за бронзениот медал го совлада Марко Антиќ од Србија со 2-0.
Павлов во првата борба со Евгениј Плахутин од Русија се бореше од дистанца и поради тоа борбата заврши со нерешен резултат 0-0, додека во второто коло тргна поагресивно против Французинот Агуџил Софијан и обезбеди сигурна победа 2-1. Во третата борба против Србинот Марко Антиќ исто така се бореше нерешено 0-0, но тоа му беше доволно за пласман во полуфиналето и средба со Фирдовси Фарзалиев (Азербејџан).
Нашиот репрезентативец во полуфиналето водеше со 4-2 против Фарзалиев од Азербејџан на 3 секунди пред крајот направи несфатлива грешка, излезе од борилиштето со двете нозе и беше дисквалифкуван, победата му беше доделена на каратистот од Азербејџан. Оваа грешка го чинеше финале и борба за златниот медал
По две злата и бронзи на Европските првенства
Оваа година Европско првенство (ЕП) во Гвадалахара-Шпанија, Емил го освои бронзениот медал, едиствен за Македонија на шампионатот. Бронза освои и на ЕП 2016 во Монпелје, франција, а за златните медали се избори на континенталните шампиоанти во Тампере, Финска, во 2014-та и во Нови Сад, Србија, 2018 година.
Ipon.mk
.